Видео

11 март, 2019

„Лилит“ е музичко откритие и вистинско „Чудо“

Зад уметничкото име „Лилит“ се крие една млада, шармантна и симпатична охриѓанка, која низ клубовите ширум Скопје и Македонија е позната како вокал на бендот „Балтер“. Емилија Колоска е млада дама на која пеењето ѝ е во вените иако професијата или поточно, професионалната диплома ја добила на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, на Економскиот факултет и тоа диплома по маркетинг.

Деновиве таа како дел од една екипа вонсериски музичари под името „Лилит“ на јавноста ѝ го претстави своето музичко „Чудо“, огледано во истоимената тема. Необична и чудна, но мошне ефектна фузија на стилови, од џез и блуз, до амбиентална атмосфера зачинета со беспрекорниот вокал на Емилија која на целата тема ѝ дава своевидна мистика, драматика и себесвојствен шарм, правејќи ја неподносливо лесна за слушање и уживање во миксот на комплицирани жанрови.

А, како и не би, кога имињата на проверените мајстори на занаетот и својот инструмент, секој засебно, се наоѓаат на списокот на музичари на оваа „ол-старс“ екипа која покрај Емилија ја сочинуваат: Трајко Таци Симоновски – бас, кој е воедно и автор на музиката и текстот на песната, Мартин Вучиќ – тапани, Дамир Имери – клавијатури, Иван Петровски – гитара и секако, споменатата вокалистка.

За темата „Чудо“ едноставно, но ефектно видео кое кореспондира со атмосферата на темата направил уметничкиот фотограф и режисер Тоше Јанев – Јанус. Проследете го ова „Чудо“ на „Лилит“  со топлата препорака на еден од нејзините фанови која гласи: „Никаква голотија само еден феноменален вокал, мелодија која смирува, прекрасна музика, уште подобар аражман. Продукт кој те тера устата да ти биде подзината! Во светот на Карлеуши и Кардашијанки бидете Емилија Колоска!“  

Дали е во право? Уверете се во продолжение. Уживајте!

Извор: Вистина.мк



Врати се горе ↑