Лили Ален не е воодушевена од новиот сервис на Џеј Зи
Лили Ален ја критикуваше новата платформа за слушање музика на Џеј Зи – „Tајдл“, тврдејќи дека само ќе го засили присуството на нелегално симнување песни. Сервисот, кој е достапен со претплата, минатата недела го лансираше поголема група славни изведувачи меѓу кои Канје Вест, Мадона, Бијонсе, Ријана, Ники Минаж, Алиша Киз и други.
„Многу го сакам Џеј Зи, но ’Тајдл’ е (толку) скап во споредба со други совршено добри стриминг сервиси“, напишала Ален на Твитер, додавајќи: „Тој ги презеде најпознатите изведувачи и ексклузивно ги врза за ’Тајдл’, така што луѓето повторно ќе им се вратат на пиратските сајтови и торенти. Како последица од тоа ќе трпат новите музичари. Можеби пропуштив нешто и ова е навистина фантастично и сè ќе се промени на подобро.“
Пејачката потоа додала дека „Спотифај“, главниот конкурент на „Тајдл“, „не им е непријател на уметниците“ и напишала: „Воопшто не мислам дека музиката треба да биде бесплатна. Но сметам дека мораме да се прилагодиме на светот и напредокот на технологијата… Се грижам за иднината на музиката, но не и за актуелната бизнис структура.“
Компанијата „Проџект пантер бидко“ (Project Panther Bidco), чиј косопственик е Џеј Зи, го откупи „Тајдл“ од норвешката компанија „Аспиро“ за 47 милиони фунти. „Тајдл хајфај“ (Tidal Hifi) веќе располага со повеќе од 25 милиони песни и 75.000 музички видео записи, кои им ги нуди на половина милион претплатници во Норвешка, Шведска, Данска, Германија и Полска.
„Тајдл“ е лансиран со низа ексклузивни изданија за првите претплатници. Ќе бидат достапни и ексклузивни снимки, како што е првото појавување на „Вајт страјпс“ на телевизија или филмот на „Дафт панк“ од 2006 година – „Eлектрокома“. Исто така, во понудата се вклучени и плејлисти кои ги составуваат „Аркејд фајр“, Џеј Зи, Бијонсе и „Колдплеј“.
Џеј Зи изјавил дека „Тајдл“ не е ист како конкурентот „Спотифај“, туку повеќе е обид да се „зададе чесен удар“ во обликувањето на иднината на музиката.