23 април, 2014

Лили Ален го претстави видео записот за „Sheezus“

Британската пејачка Лили Ален во ноември минатата година го најави своето враќање на музичката сцена претставувајќи го првиот сингл  „Hard Out Here“по кој следуваа  „Air Balloon“ и „L8 CMMR“, која се најде и на саундтракот за серијата „Девојки“. Сите овие песни ќе се најдат на престојниот трет студиски албум насловен „Sheezus“, а изданието закажано за 5 мај пејачката го посвети на покојната колешка Ејми Вајнхаус.

Во неодамнешно интервју за британски Телеграф Ален изјавила: „Кога се познававме со Ејми, нејзиниот живот беше во хаос, така што немам чувство дека навистина ја познавав. Повеќе би можела да кажам дека знаев една верзија од Ејми Вајнхаус. Тоа што мораше да го поднесува таа беше десет пати полошо од она што го поднесував јас. Продаде многу повеќе албуми од мене и публиката многу повеќе се интересираше за неа. Некои луѓе седеа пред нејзината куќа 24 часа на ден, 7 дена во неделата. Тој притисок јас го почувствував на многу пониско ниво и се чувствував како да сум заробена. Таа не можеше ни да мрдне од дома, а да не предизвика хаос, а  сè што сакаше е да ужива во животот, да пробува нови нешта и да запознава нови луѓе… Сето тоа ѝ беше одземено… беше затвореник“, заклучила пејачката.

Иако многумина помислија дека насловот на албумот е своевиден одговор на изданието „Yeezus“ кое Канје Вест го објави минатата година, Ален објаснила дека го дала тој наслов од почит кон раперот. Токму насловната тема „Sheezus“ во која пејачката ги спомнува нејзините колешки Ријана, Кејти Пери, Лорд, Бијонсе и Лејди Гага, деновиве доби свое видео издание кое можете да го погледнете горе, а списокот на песни кои ќе се најдат на претстојниот албум можете да го видите во продолжение.

  1. “Sheezus”
  2. “L8 Cmmr”
  3. “Air Balloon”
  4. “Our Time”
  5. “Insincerely Yours”
  6. “Take My Place”
  7. “As Long As I Got You”
  8. “Close Your Eyes”
  9. “URL Badman”
  10. “Silver Spoon”
  11. “Life For Me”
  12. “Hard Out Here”
  13. “Untitled”
  14. “Somewhere Only We Know” (Bonus Track)


Врати се горе ↑