Видео

1 април, 2019

Лил Ким го најави повратничкиот албум со „Go Awff“

Пред Ники Минаж и Карди Би, кралица на рап-музиката беше Кимберли Дениз Џоунс, позната како Лил Ким, а по пауза од речиси 14 години, 44-годишната ѕвезда одлучи да се врати на музичката сцена и да се обиде да си го врати „тронот“. Имено, Лил Ким неодамна потврди дека својот петти студиски албум насловен „9“ ќе стигне на 17 мај, кој ќе го наследи „The Naked Truth“ од 2005 година и на кој ќе се најдат соработки со колеги како што се Рик Рос, Реми Ма, Рич д Кид и многу други.

За да одбележи враќањето на сцената, раперката објави синглот насловен „Go Awff“, кој доаѓа по минатогодишниот „Nasty One“ и кој стигна во комплет со видео во режија на Демиен Сандовал и со кореографија на Лориен Гибсон. Иако заради бројните пластични операции нејзиниот изглед е драстично променет, се чини дека Ким сè уште има сили да се бори со жестоката конкуренција, а како изгледа и звучи најновото од неа дознајте во продолжение.

 

Само за потсетување, Лил Ким ја започна кариерата во 1996 година со деби-синглот „No Time“ во соработка со Паф Деди, по кој следуваа бројни соработки со најголемите имиња во моментот, како што беа Ноториус БИГ, Фифти Сент, Миси Елиот и многу други. Еден од најуспешните хитови дефинитивно е „Lady Marmelade“, кој го отпеа со колешките Кристин Агилера, Маја и Пинк, а беше снимен за саундтракот на филмот „Мулен руж“.

 



Врати се горе ↑