Свет

24 декември, 2017

Лиам Пејн и Рита Ора имаат дует за „50 нијанси ослободени“

Освен што има мала улога во трите филмови, британската ѕвезда Рита Ора конечно ќе запее и за саундтракот на претстојното трето и последно продолжение „50 нијанси ослободени“ (50 Shades Freed), a нејзиниот музички придонес ќе стигне во форма на дует со својот колега и некогашен член на „Уан дајрекшн“, Лиам Пејн. Имено, популарната пејачка, која во филмовите ја игра Миа, сестрата на Кристијан Греј, на социјалните мрежи сподели фотографија и куса видео-најава, откривајќи дека песната ќе го носи насловот „For You“.

За франшизата „50 нијанси“ досега запеале едни од најзвучните имиња на светската музичка сцена, како што се Бијонсе, Викенд, Ели Гоулдинг, Сиа и Џон Леџенд, а сè уште актуелен е и дуетот на Зејн и Тејлор Свифт за „I Don’t Wannа Live Forever“. Дали Рита и Лиам ќе го повторат успехот на своите колеги ќе дознаеме веќе во јануари, а повеќе детали за саундтракот закажан за 10 февруари се очекуваат наскоро.

Финалето на приказната за сега веќе сопружниците Кристијан Греј и Анастасија Стил својата премиера ќе ја доживее на 9 февруари 2018 година, а во главните улоги повторно ќе ги видиме Џејми Дорнан и Дакота Џонсон. Исто како и на вториот филм, режијата на „50 нијанси ослободени“ е на Џејмс Фоли, по сценарио на Најл Ленард, а музиката е на Дени Елфман.

 



Врати се горе ↑