Настани 0811a983-232c-42ff-852b-a63cd89928b1

19 јануари, 2017

Лиам Галагер, Пол Калкбренер и Хардвел се првите ѕвезди на „Егзит“

Еден од најнаградуваните музичари на сите времиња, основачот и пејач на групата „Оејзис“ (Oasis), Лиам Галагер (Liam Gallagher), ќе го отвори фестивалот „Егзит“ во четврток, на 6 јули! Лиам со „Оејзис“ има освоено дури 37 најпрестижни музички награди, а овој манчестерски бенд кој медиумите го прогласија за наследник на „Битлси“, за само три години од својот прв, стигна и до најголемиот рок концерт во британската историја. Во славната анкета на магазинот „Кју“ од 2010 година, публиката го прогласи Лиам за најголем фронтмен на сите времиња, пред останатите големи рок ѕвезди како што се Фреди Меркјури, Џим Морисон, Роберт Плант и Џон Ленон! Неговиот настап на „Егзит“ ќе биде посебен, бидејќи покрај хитовите на „Оејзис“, Лиам ќе го претстави и својот прв соло албум кој медиумите веќе го прогласија за еден од најисчекуваните во 2017 година, а дури и Роби Вилијамс, по медиумските препирки со Лиам во 90-тите, по тој повод изјави: „Лиам е гласот на генерацијата и саундтрак на нашите животи. Му посакувам да сними стварно добар албум и верувам дека ќе брилира“.

Истата ноќ како и Лиам, уште еден музичар кој ги полни стадионите доаѓа на „Егзит“, но на импозантната Денс арена! Германскиот техно продуцент Пол Калкбренер (Paul Kalkbrenner) неодамна настапи пред пола милион луѓе пред Бранденбуршката капија, потврдувајќи го статусот на една од најголемите ѕвезди на денешницата. Лиам и Пол ќе го одбележат отворањето на фестивалот, додека пак завршната, голема журка, по пример на минатогодишниот настап на Дејвид Гета, на главната бина ќе го приреди човекот кој последните пет години е еден од водечките три светски диџеи, од кои првопласиран е дури две години по ред – Хардвел (Hardwell)!

На главната фестивалска сцена стигнува и гласот на новата генерација, популарниот 22-годишен англиски кантавтор Џејк Баг (Jake Bugg)! Тој на „Егзит“ доаѓа по три албуми од врвот на британските листи и дури 17 синглови, покрај настапите на најголемите фестивалски бини и „Ен-ем-и“ наградата за најдобар соло изведувач. Во четврток, на 6 јули  на „Мејн стејџ“ доаѓа и триото кое го предводи Алан Вокер (Alan Walker), автор на хитовите „Faded“, „Alone“, „Sing Me to Sleep“ и други кои заедно достигнуваат две милијарди прегледи на Јутјуб, додека третата вечер, на 8 јули, ќе настапи и популарната хип-хоп и дабстеп група „Форин бегарс“ (Foreign Beggars)!

EXIT 2017 – Први објавени изведувачи:

Саботата на Денс арената секогаш ги претставува најголемите хитмејкери, а прв во низата е Дјук Думонт (Duke Dumont), чии летни химни „Ocean Drive“ и „I Got You“ ги освоија првите места на топ листите и номинација за „Греми“! Оваа година стигнува и Робин Шулц (Robin Schulz), и тоа со „Shed A Light“, новиот хит во однос на минатото лето кога изненадната болест го спречи да ја доживее магијата на „Егзит денс арена“ и да ги сподели со публиката некои од најголемите хитови од претходните години – „Sugar“, „Prayer in the C“, „Headlights“ и други! Ним ќе им се придружи и младата француска ѕвезда Кунгс (Kungs), чиј мегахит „This Girl“ на „Shazam – Hall of Fame“ листата ги остави зад себе и хитовите како што се „Happy“ од Фарел или „Chandelier“ од Сиа! Исто како што минатото лето на Арената се случи своевидниот „Techno All Stars“, оваа година во првата група изведувачи се случува вистински „House All Stars“ бидејќи покрај Думонт, доаѓаат и останатите во моментов светски најбарани претставници на овој жанр: Џејми Џонс (Jamie Jones), „Хот синс 82“ (Hot Since 82) и „Блек кофи“ (Black Coffee)! Истата ноќ со Калкбренер, за глетката на преполната Денс арена, која секој изведувач го остава без зборови, ова лето ќе сведочи уште еден Германец чиј настап во живо стана вистинска глобална сензација – Рекондајт (Recondite)!

Жестокиот гитарски звук и оваа година ќе го претстави култната метал, панк и хардкор бина на фестивалот „Егзит“ – „Експлозив“! Дури седум од првите бендови веќе го потврдија својот настап, а оваа експлозивна група ја предводат славните германски треш металци „Дестракшн“ (Destruction), кои на фестивалот „Егзит“ настапуваат премиерно со новиот албум и истоимената турнеја „Under Attack“, која само во првите два месеци годинава обиколува околу 30 градови во Европа! И легендарните британски хардкор панкери „Дисчарџ“ (Discharge), чии песни ги обработуваа бендови како што се „Металика“, „Антракс“ и „Сепултура“, се враќаат на тврдината со новиот албум, „End of Days“, а истата вечер со нив ќе настапи и нивниот мексикански пандан „Асидез“ (Acidez)! Посебно место во програмата зазема детроитската сензација и еден од најзначајните дет-метал состави на новата генерација, „Блек далиа мрдр“ (The Black Dahlia Murder), хедлајнерите на најголемите метал фестивали и бенд со повеќемилионска база фанови на социјалните мрежи! На „Егзит“ доаѓаат и американскиот  грајндкор бенд во подем „Фул оф хел“ (Full of Hell), британските скејт-панкери од групата „Дарко“ (Darko), како и романските блек-метал магови „Дордида“ (Dordeduh), бендот настанат од култниот „Негура банџет“ (Negura Bunget)!

Со една влезница на четири фестивали на „Eгзит лето на љубовта 2017!

Тимот на „Егзит“ оваа година ќе спои дури четири фестивали во регионот во единственото „Егзит лето на љубовта 2017“. Прв во низата фестивали е „Си стар“, новиот фестивал во Истра кој на 26 и 27 мај ќе се одржи во туристичкиот комплекс на Умаг „Стела Марис“! Веќе е познат дел од програмата за главната бина која првата ноќ ја предводи еден од најпопуларните светски бендови „Продиџи“ (The Prodigy), а потврдени се и „Дубиоза колектив“ и „Урбан енд фор“ (Urban&4). Следниот фестивал на „Егзит лето на љубовта 2017“ е романскиот фестивал „Револушн“ во Темишвар, кој ќе се одржи на 2 и 3 јуни. Веднаш по фестивалот „Егзит“, кој ќе се одржува од 6 до 9 јули на Петроварадинската тврдина во Нови Сад, „Егзит авантурата“ како и претходните години продолжува со новото, веќе четврто издание на Си денс“ фестивал од 13 до 15 јули! Во акцијата „1 влезница = 4 фестивали“, која поради големиот број молби од фановите е продолжена уште до 30 јануари, сите купувачи на влезница за „Егзит“ по цена од 3.580 денари, на подарок добиваат и влез на останатите три фестивали, со регистрација преку сајтот exitfest.org од 1 до 28 февруари! Повеќе информации за влезниците на www.exitfest.org.



Врати се горе ↑