3 март, 2014

„Let It Go“ е најдобрата оригинална песна наградена со Оскар

Синоќа во Долби Театарот во Лос Анџелес по 86-ти пат беа доделени престижните филмски награди Оскар. Настанот започна доцна вечерта и траеше сè до раните утрински часови (по наше време), а го водеше познатата актерка, комичарка и водителка Елен ДеЏенерис, која ја одбележа манифестацијата со нејзината „селфи“ фотографија со најголемите имиња од Холивуд, како што се Мерил Стрип, Бред Пит, Анџелина Џоли, Џулила Робертс, Кевин Спејси, Џенифер Лоренс, Бредли Купер, Џаред Лето, Лупита Н’јонго

Манифестацијата беше збогатена и со изведбите на номинираните песни во категоријата Најдобра оригинална песна, како и настапите на Пинк и Бет Мидлер. Пинк ја отпеа познатата оскаровска тема „Somewhere Over The Rainbow“ од филмот „Волшебникот од Оз“ од 1939 година, оригинално отпеана од легендарната Џуди Гарланд, додека познатата актерка и пејачка Бет Мидлер им оддаде чест на сите кои го напуштија овој свет во изминатата година пеејќи ја песната „Wind Beneath My Wings“ од филмот „Beaches“ од 1988 година. Во изминатата година се простивме од легендарните актери како што се Филип Сејмур Хофман, Пол Вокер, Питер О’Тул, Џоан Фонтен, Анет Фуничело, како и најпознатата ѕвезда од филмовите со бал на вода – Естер Вилијамс и чудото од дете Ширли Темпл, која почина пред неполн месец.

Првата музичка изведба ја имаше познатиот музичар и продуцент Фарел Вилијамс со својот хит „Happy“’ од анимираниот филм „Одвратниот јас 2“, по кој следуваа U2 со „Ordinary Love“ од филмот „Мандела: Долг пат до слободата“, Карен О со „The Moon Song“ од филмот „Таа“ и „Let It Go“ од анимираниот филм „Снежното кралство во изведба на бродвејската ѕвезда Идина Мензел. Токму оваа тема победи во оваа категорија, а ова најново остварување на Дизни ја освои и статуетката за Најдобар анимиран филм.

 Победничката тема можете да ја погледнете горе, а останатите во продолжение.

 

Што се однесува на наградите, за најдобар филм беше прогласен „12 години роб“ во режија на Стив Меквин, а екипата која застана позади овој проект ги собра и статуетките за Најдобра женска споредна улога за Лупита Нјонго, додека Џон Ридли е победникот во категоријата Најдобро адаптирано сценарио. Најголем број Оскари собра филмот „Гравитација“, чија екипа замина дома со 7 статуетки, меѓу кои и Најдобра режија за Алфонсо Куарон, додека „Клубот на потрошувачи од Далас“ собра три меѓу кои Најдобар актер за Метју Меконахи и Најдобра машка споредна улога за Џаред Лето. Најдобра актерка е Кејт Блашет за нејзината улога во „Тажната Јасмин“, а наградените во дел од поважните категории можете да ги видите во продолжение.

Најдобар филм: 12 години роб

Најдобра машка главна улога: Метју Меконахи (Клубот на потрошувачи од Далас)

Најдобра женска главна улога: Кејт Бланшет (Тажната Јасмин)

Најдобра машка споредна улога: Џаред Лето (Клубот на потрошувачи од Далас)

Најдобра женска споредна улога: Лупита Нјонго (12 години роб)

Најдобра режија: Алфонсо Куарон (Гравитација)

Оригинално сценарио: Спајк Џонз (Таа)

Адаптирано сценарио: Џон Ридли (12 години роб)

Најдобра оригинална песна: Кристен Андерсон – Лопез и Роберт Лопез за „Let It Go“ (Снежното кралство)

Најдобра музика за филм: Стивен Прајс (Гравитација)

Најдобар анимиран филм: Снежното кралство



Врати се горе ↑