Настани 54b40792-b0e7-42f0-ba97-08be447bdd27

13 ноември, 2014

„ЛЕТ 3“ и „Конкеринг лајон“ ќе настапат на „ТАКСИРАТ“

Специјани гости на фестивалот се „Видрапена бузирка панк систем“ од Словачка

Фестивалот „ТАКСИРАТ“ ја надополнува програмата за главната вечер на своето 16-то издание со уште три музички имиња кои ветуваат ново незаборавно фестивалско доживување во Скопје. Покрај веќе најавените изведувачи кои на 7 декември во „Метрополис Арена“ гарантираат жестоки настапи и повеќе од 8 часа одлична забава, кон оваа листа се приклучуваат уникатните и секогаш провокативни „ЛЕТ 3“ од Хрватска со настап кој ќе ѝ покаже на македонската публика зошто овој честопати контроверзен бенд важи за првокласна рок атракција во регионот.

Но програмата на „ТАКСИРАТ“ не завршува тука и не би била комплетна без претставниците на домашната сцена и новите изненадувања на фестивалот. Сцената на „Таксират“ имено ќе биде заокружување на успешната и активна година и на нашите реге херои „КОНКЕРИНГ ЛАЈОН“ (Conquering Lion), но ќе ги пречека и специјалните гости од Словачка „Видрапена Бузирка Панк Систем“ (Vydrapena Buzirka Punk System) кои ги предводи Михал Касцак, директорот на еден од најголемите словачки, но и европски фестивали „Похода“.

Подгответе се за несекојдневен настап и единствен перформанс кога сцената на „Таксират“ ќе ја преземе хрватската група „ЛЕТ 3“! Групата која речиси три децении не престанува да предизвикува, од почетокот на своето делување привлече особено внимание од следбениците на рок музиката кои веднаш беа освоени со зачајните квалитети на овие музичари. За време на својата кариера и активност овој бенд успеа да се наметне како заштитен знак на градот Риека, целиот регион, а конечно и на бројните фанови во повеќе држави. Дамир Мартиновиќ Мрле и Зоран Продановиќ Прља, креативното јадро на „Лет 3“, заедно со одбрана екипа музичари го основаат бендот „Лет 2“ во 1986. година, а на почетокот на следната година составот го промени своето име во „Лет 3“ и го оствари првото дискографско издание со две песни на компилацијата „Rijeka – Pariz – Texas“. Со текот на кариерата кругот на почитувачи постојано се прошируваше, а популарната музичка јавност стануваше свесна дека „ЛЕТ 3“ не се само бизарни, бучни чудаци туку првокласна рок атракција и навистина уникатна уметничка појава. По почетната фасцинација со она во што „ЛЕТ 3“ се неповторливи  (фантастичниот имиџ и театралност) постепено се истакнуваа и останатите квалитети на бендот: исклучителните текстови, секогаш перфектното ниво на драматуршката и стилска обработка на концертите и воопшто јавните настапи, музичката специфичност, од основите на инди френетичноста развиена до исклучителна префинетост, секогаш надополнета со специфичен хумор и осет за бизарното. Деби албумот „Two Dogs Fucking“ тие го објавија во 1989 година, кога ги донесоа и песните како што се химната „Izgubljeni“, „Sam u void“, „Ne trebam te“ и „U rupi od smole“, кои и денес се концертни хитови на бендот. Вториот албум  „El Desperado“ излезе во 1991 година, а веќе следното издание „Peace“ пак, ги претстави хитовите „Kontinentio“, „Nafta“, „Droga“ и „Elefante Elettrico“ и инаугурираше посебен начин на работа на хрватската сцена, со жесток рок израз и успешен микс на традиционалните музички форми со модерниот рок стил. На турнеите кои следеа по овој албум се снимаше материјалот за концертната плоча типично насловена „Živi kurac“, која беше објавена во 1996 година, а денес во Хрватска важи за едно од најквалитетните сработени дела во живо. Од тогаш па до денес, „ЛЕТ 3“ зад себе имаат 9 студиски албуми, од кои последниот „Kurcem do vjere/Thank You Lord“ беше објавен мината година. Досега „Лет 3“ имаат освоено и 12 признанија на хрватската сцена (Порин, Црни Мачак, Златна Кугла) за најдобар албум, спот, група, песна, омот, изведувач.

Покрај нив, главната вечер на „Таксират“ ќе биде домаќин и на најпродуктивниот реге бенд од во Македонија, „Конкеринг Лајон“. Тетовскиот состав од објавувањето на првиот албум „I” во 2009 па до сега, се наметна како еден од најперспективните бендови кај нас,  кој остварува огромен раст во секој аспект од својот музички ангажман. Заедно со „Know Your Wisdom” од 2011 година и последниот „Revelation“ од 2013, кој беше најавен со синглот „Wicked Man“, бендот зад себе има три студиски остварувања. Нивните концертни активности се веќе на завидно ниво со неколку европски турнеи зад себе, но и со настапи на значајните фестивали како „Спирит оф Бургас“, „Таксират“ и „ПИН конференција“ – Скопје, „Докуфест“ – Призрен, „НГОМ Фест“ – Призрен, „Тренчтаун“ – Суботица, „Аква Парк фестивалот“ – Пробиштип, како и реномираниот „ИНмјузик фестивал“ во Загреб каде што настапија покрај ѕвезди како „Арктик Манкис“, „Иги Анд Д Стуџис“, „Бејсмент Џекс“ и „Блок Парти“ меѓу останатите. Досега имаат настапувано со големи реге имиња како што се „Џентлмен“, Рас Закари, Доналд Минот, Хорнсмен Којоти и други. За овој бенд важи дека на секој настап умее загарантирано да донесе добра енергија и ритам за вистинско концертно уживање.

На главната вечер на „Таксират“ веќе се потврдени настапите и на ненадминливиот трип-хоп уметник „ТРИКИ“ (TRICKY), холандскиот диџеј и продуцент кој многумина го сметаат за вистински технички и музички гениј Сандер Ван Дорн (SANDER VAN DOORN), култната хрватска електро-поп група „Денис&Денис“ (DENIS & DENIS), легендите на британскиот стрит-панк „Џи-би-ејч“ (GBH) и контроверзното, немилосрдно и најпопуларно српско хип-хоп трио  „Бед копи“ (BAD COPY).

Главната вечер на шеснаесеттото издание на „Таксират“ и атрактивната програма на фестивалот се реализирани благодарение на поддршката од телекомуникацискиот оператор ONE.

ВЛЕЗНИЦИ ЗА ГЛАВНАТА ВЕЧЕР НА „ТАКСИРАТ“

Продажбата на влезниците за главната вечер на „Таксират“ фестивал која ќе се одржи на 7 декември во „Метрополис Арена“ во Скопје е веќе во тек. Првите т.н. „еarlybird“ влезници се достапни во продажба во ограничен број и се продаваат по промотивна цена од 500 денари.

Покрај регуларните влезници за главната вечер, достапни се и ВИП влезници по цена од 1000 денари со кои освен што добивате посебно место во „Метрополис Арена“, добивате и гратис „селфи“ со најдобриот поглед на главната бина на „Таксират“, изведувачите и илјадниците „таксиратлии“.

Продажбата на влезниците за главната вечер на „Таксират“ се спроведува во продажната мрежа на МКтикетс или поточно:

  • Продажните салони на „One“ низ Македонија
  • Во Скопје: „Југотон“, „МПМ Пресс“, „Гоги“ – Драчево, Универзална Сала, Кафе „Круг“ – Аеродром, Кафе „Браво“.
  • Низ Македонија: „Тобако“ – Охрид, „Алпине“ – Тетово, „Шишко“ – Кочани, „Агора“ – Куманово, „Хардрок“ – Битола.
  • Онлајн преку www.mktickets.mk


Врати се горе ↑