Балкан 3 PHOTO - UROS SKERJANC

6 октомври, 2015

„Лени Кравац“ го прославија новиот албум со бурек и ракија

Најавениот албум на словенечката група „Лени Кравац“ конечно ја здогледа светлината на денот со пригодна забава, која се одржа изминатиот викенд во Љубљана и која, во склад со концептот на овој необичен колектив, изобилуваше со бурек, ракија и жешка атмосфера.

„Иако колективот се менуваше со текот на времето, албумот претставува резултат од повеќегодишна работа на сите членови. Изданието засега е претставено пред локалната публика, а сè уште во тек се преговорите со издавачка куќа од Германија, која би требало да го пласира на европскиот пазар. Горди сме на албумот кој соодветно дава увид во она што го работиме, но нашето најсилно оружје и понатаму се концертните настапи“, изјави лидерот и басист на групата, Матија Јашаров.

Албумот „Balconized“, за чија насловна нумера пред месец дена беше објавен и видео запис, содржи десет песни кои жанровски се разликуваат. „Лени Кравац“ летово одржаа серија улични настапи во Љубљана, Белград и Загреб, а сега со објавувањето на албумот најавуваат уште многу концертни активности, па се надеваме дека ќе имаме можност да ги видиме и во Македонија.



Врати се горе ↑