Свет

10 јануари, 2019

Лејди Гага се извини за дуетот со Ар Кели, побара да биде тргнат од продажба

Изминатиов период за Лејди Гага беше исполнет со повеќе поводи за славење, најмногу заради нејзината прва главна улога во филм за „Ѕвездата е родена“, како и темата „Shallow“, за која веќе се закити со Златен глобус за најдобра оригинална песна, а се очекува да добие и номинација за Оскар. Сепак, пејачката и актерка се најде на мета на критиката заради нејзиниот провокативен дует со колегата Ар Кели, со кого во 2013 ја сними „Do What You Want“.

Имено, популарниот музичар и – како што често го нарекуваат – кралот на ар-ен-би музиката, низ годините бил повеќепати обвинет за сексуална злоупотреба на малолетнички, вклучувајќи го и фактот дека се оженил со покојната ар-ен-би ѕвезда Алија кога имала само 15 години, но ниту еднаш не бил осуден. Но сега, Роберт Кели повторно се најде во центарот на вниманието заради документарниот филм во шест дела „Преживувајќи го Ар Кели“ (Surviving R. Kelly), во кој голем број од неговите наводни жртви ги споделуваат своите искуства со него.

 

Гага, која и самата била жртва на сексуална злоупотреба, а во 2016 ја отпеа и со Оскар номинираната „Til It Happens To You“, на социјалните мрежи објави соопштение во кое се оградува од песната, нагласувајќи дека сака да ја тргне од сите дигитални платформи за преслушување и продажба на музика. „Ја направив песната и видеото во доста мрачен период од мојот живот, мојата намера беше да создадам нешто екстремно пркосно и провокативно, бидејќи бев лута и сè уште не бев свесна за траумата што ми се случи“, објасни таа.

„Песната е наречена ’Прави што сакаш (со моето тело)’ и мислам дека јасно е колку извитоперено било моето размислување тогаш. Кога би можела да се вратам во времето и да поразговарам со помладата јас, би си советувала да одам на терапија, што и го направив подоцна, за да разберам колку збунувачка може да биде таа пост-трауматска состојба“, додаде Гага, извинувајќи се и нагласувајќи дека освен што ќе ја тргне песната од продажба, во иднина нема повеќе да соработува со Кели.

Правниот тим на Кели ги демантираше сите изјави од документарниот филм, а и покрај тоа што истиот го привлече вниманието на јавноста, зачестеното споменување на неговото име во медиумите придонесе да се зголеми слушаноста на неговата музика.



Врати се горе ↑