Аудио

2 април, 2018

Лејди Гага ја препеа „Your Song“ од Елтон Џон

Најголемите музички имиња на музичката сцена им даваат нов живот на најпознатите хитови на британската икона Елтон Џон, сето тоа собрано на два албума по повод тридецениската соработка на музичарот со авторот Берни Топин. Меѓу изведувачите на изданијата насловени Revamp“ и „Restoration е и американската ѕвезда Лејди Гага, која на свој начин ја препеа баладата „Your Song“, оригинално објавена во далечната 1970 година.

 

Како што веќе ви пренесовме, двата албума се и жанровски поделени според изведувачите, така што на првиот од нив, „Revamp“, пеат поп и рок-изведувачи, а на вториот кантри-изведувачи. Неодамна беа објавени и преработките на „Don’t Go Breaking My Heart“ во изведба на Деми Ловато и Кју Тип, како и „I Want Love“ од Крис Стејплтон. Куси извадоци од сите песни на „Revamp“ можете да слушнете во продолжение.

 

Елтон Џон, кој на 25 март го прослави својот 71. роденден, на почетокот на годинава најави дека во април ќе замине на својата проштална турнеја, која ќе трае три години, 2018-2021. „Ако пред десет години ме прашавте дали некогаш ќе престанам со турнеи, ќе речев не. Но, имаме деца и тоа ни го промени животот. Имав навистина прекрасен живот и кариера, но мојот живот се промени. Моите приоритети се сега децата, сопругот и семејството“, изјави легендарниот музичар.

Засега се закажани само концертите за Северна Америка и Западна Европа, па се надеваме дека во наредните три години ќе имаме можност да го видиме и во Македонија. „Revamp“ и „Restoration“ се закажани за 6 април.



Врати се горе ↑