Настани

5 јануари, 2018

Лејди Гага и Пинк меѓу првите потврдени изведувачи за „Греми 2018“

Лејди Гага, Пинк, Чајлдиш Гамбино и „Литл биг таун“ се првите потврдени изведувачи што ќе настапат на јубилејното, 60. по ред доделување на музичките награди Греми, кое ќе се одржи на 28 јануари (недела), во „Медисон сквер гарден“ во Њујорк.

Гамбино, кој за првпат ќе настапи на доделувањето, годинава е номиниран во пет категории, вклучувајќи ги Албум на годината и Снимка на годината. За Лејди Гага, пак, чиј хит „Million Reasons“ е во трка за Најдобра поп соло-изведба, ова ќе биде четврти последователен настап на манифестацијата. Двократните добитници на Греми, „Литл биг таун“ се номинирани за Најдобар кантри албум и Најдобра изведба од кантри дуо или група, додека Пинк, чија колекција на награди содржи три златни грамофони, се натпреварува во категоријата Најдобра поп соло-изведба за хитот „What About Us“.

Пинк на 56. доделување на Греми во 2014 година

Исто така, специјален бродвејски настап ќе имаат и Пети ЛуПон и Бен Плат, кои ќе настапат во чест на Ендру Лојд Вебер и Леонард Бернстин, изведувајќи теми од бројдвејските класици „Приказна од западната страна“ и „Евита“. 

Само за потсетување, според бројот на номинации годинава предводи Џеј Зи, чии дела се номинирани во вкупно 8 категории, седум номинации доби колегата Кендрик Ламар, а во шест категории ќе се натпреварува Бруно Марс. По пет номинации добија Сиза, Калид, Чајлдиш Гамбино и продуцентот Ноу Ај-Ди. Водител на настанот по вторпат ќе биде популарниот актер и водител Џејмс Корден, а кои други изведувачи ќе настапат во „Медисон сквер гарден“ ќе дознаеме наскоро.



Врати се горе ↑