26 февруари, 2015

Лејди Гага доби улога во серијата „Американска хорор приказна“

Дека Лејди Гага е сериозна во намерите да се докаже и како актерка, потврдува и фактот што пејачката доби улога во една од најпопуларните телевизиски серии во САД, „Американска хорор приказна“. Нејзиниот прв актерски обид беше во филмот „Мачете убива“, во кој беше вклучена и темата „Aura“ од нејзиното издание „ARTPOP“. Ѕвездата ја најави новата сезона на серијата со кусо видео (горе), порачувајќи: „Резервирајте навреме!“

Имено, секоја од претходните сезони раскажуваше различни приказни и имаше дополнителни наслови како што се „Куќа на убиствата“, „Лудница“, „Друштвото на вештерките“ и „Циркуз (Изроди)“, а претстојната петта сезона ќе го носи насловот „Хотел“. Во сите досегашни приказни, едни од главните улоги ги одигра познатата актерка Џесика Ланг, која веројатно повторно ќе се врати во серијата, а покрај неа свои улоги имаа и Сара Полсон, Кети Бејтс, Анџела Басет, Ема Робертс, Еван Питерс и други. „Американска хорор приказна: Хотел“ ќе започне да се емитува во октомври на американската телевизија „Еф-икс“ (FX).

Гага во меѓувреме работи и на нејзиниот нов студиски албум, а меѓу соработниците за новиот материјал ќе се најдат легендарниот Најл Роџерс и Дајан Ворен, а не е исклучена и можноста за дуетска тема со Адел.

И.Ј.



Врати се горе ↑