Аудио lg-artpop

8 јануари, 2014

Лејди Гага: „ARTPOP до сега беше погрешно воден проект“

Во разговор со нејзините фанови, Лејди Гага изјавила дека луѓето околу неа ја разочарале и дека „погрешно го воделе“ проектот „ARTPOP“, заради што дошло до проблеми и доцнења поврзани со нејзиниот нов албум. Пејачката го напишала ова на својата социјална мрежа Little Monsters, објаснувајќи зошто доцни видео записот за синглот „Do What U Want“ во кој гостува Ар Кели, но открила и многу поголемо незадоволство во врска со досегашното раководење на нејзиното ново издание.

„Видео записот доцни бидејќи, за жал, исто како и за видеото за „Applause“, ми дадоа само една недела сето тоа да го испланирам и да го реализирам.“ – напишала Гага додавајќи: „Срцето ми е скршено од луѓето кои ги сакав и им верував, со кои толку блиску соработував, а кои ме искористија, лажеа, тераа да работам додека не паднам и сето тоа за нивна лична корист. Оние кои ме издадоа направија сериозна грешка во проценката на моето време и моето здравје и ме оставија самата да ги спасувам работите и да ги решавам проблемите кои настанаа заради тоа. Милиони долари за некои луѓе едноставно не се доволни. Тие сакаат милијарди и повеќе. На некои луѓе јас не сум им била доволна. Сакаа повеќе.“

Во февруари минатата година Лејди Гага ги откажала преостанатите концерти од турнејата поради повреда на колкот, па мораше да се оперира, а во ноември се случило нешто што веројатно е објаснување на нејзините обвиненија во кои не сакала да именува никого – се раздели со својот долгогодишен менаџер, така што музичките медими претпоставуваат дека „кривецот“ за оваа ситуација е всушност Трој Картер. „За жал, после операцијата бев многу изнемоштена и изморена, а и премногу тажна за самата да ја ’намалам штетата’ која веќе се случила. Мојот издавач не ни знаеше дека се случува сето тоа“ – со овие зборови Гага ги запре шпекулациите дека постои незадоволство од продажбата на албумот во рамките на издавачката куќа Interscope, за која се тврдеше дека од изданието до сега „изгубила 25 милиони долари“ (за тоа Гага додала: „Во издавачката куќа Interscope и понатаму многу ме сакаат и од нивна страна ќе се погрижат сè во врска со албумот да го направат како што треба и до крај.“)

Понатаму пејачката одлучила да продолжи со повеќе оптимизам: „Следните неколку месеци ќе бидат вистинскиот почеток за проектот ARTPOP, бидејќи сите оние кои не се грижеа за неговиот успех, сега си отидоа… Не можев да верувам дека после толку години тешка работа, сите оние кои ги сметав за пријатели не се грижеле за ништо и тоа во моментот кога ми беа најпотребни.“

Според BBC, „ARTPOP“ дебитираше на првото место на британската топ листа со продажба од над 170 000 примероци. Иако во САД албумот забележа продажба поголема од половина милион примероци, нејзините претходни албуми во комерцијална смисла беа многу поуспешни: „Born This Way“ од 2011 година во САД се продаде во повеќе од 2 милиони примероци, а нејзиниот деби албум „The Fame“ од 2008 година го надмина тиражот од 3 милиони.

Како утеха за фановите на Гага, штотуку се појави и нов ремикс на песната „Do What U Want“ (која веќе има и верзија со Кристина Агилера), а како звучи тоа можете да слушнете во продолжение.

 



Врати се горе ↑