Настани 4a0ace0f-27cf-4034-b6d9-dfe2e26b2511

27 октомври, 2014

Легендите на британскиот стрит-панк, „Џи-би-ејч“ ќе настапат на „Таксират“‏

По настапот на „Д експлоитед“ на ланското издание на фестивалот, „Таксират“ оваа година пречекува уште една од големите бескмпромисни стрит-панк легенди. Бунтовната музика и гласното озвучување на главната вечер на „Таксират“ фестивал оваа година ќе бидат предводени од култниот британски бенд  „Џи-би-ејч“ (GBH) кој повеќе од 30 години е верен на чистиот панк-рок звук, а на 7 декември за прв пат ќе се претстави пред „таксиратлии“ на бината во „Метрополис Арена“ во Скопје.

„Џи-би-ејч“ (GBH)  е легендарен бртански стрит-панк бенд, оформен кон крајот на 1979 година кој започнувајќи ја кариерата како пионери на стрит-панк и хардкор-панк музиката, денес се запаметени и како предводници на „UK82“ звукот заедно со “Дисчарџ“ (Discharge), „Броукен боунс“ (Broken Bones), „Д експлоитед“ (The Exploited) и „Д варукерс“ (The Varukers). Со својот стил и музика „Џи-би-ејч“ (GBH) исто така извршија големо влијание врз многу бендови како „Металика“ (Metallica), „Квинс оф д стоун ејџ“ (Queens of the stone age), „Ренсид“ (Rancid), „Слејер“ (Slayer), „Антракс“ (Anthrax), „Нирвана“ (Nirvana) и бројни помлади панк бендови. Уште од моментот на нивното оформување тие континуирано снимаат албуми и се активни со светски турнеи, сè уште задржувајќи ја огромната база следбеници ширум светот.

Уште на почетоктот на осумдесеттите, пред објавувањето на првото официјално студиско издание, тие веќе остваруваат турнеи низ Велика Британија и С.А.Д., но како едни од нивните најлегендарни настапи остануваат запаметени оние во славниот„100 Club“ кој важи за култно место во Лондон кој своевремено беше дел од најзначаните места и настани преку кои новото панк-рок движење од андерграунд круговите се прошири во културниот и музички меинстрим. Нивниот прв студиски албум се појави во 1982 година, насловен „City Baby Attacked By Rats“. Текстовите на овој албум претставуваат критика на британската и европската култура и се занимаваат со насилството, атеизмот, нихилизмот и хуморот. Музички, албумот е гласен и брз, со само неколку песни кои го надминуваат траењето од три минути, пристап типичен за хардкор-панк музиката кој бендот постојано го задржува. Иако низ годините, голем дел од нивните современици се развиваа приближувајќи се кон поинакви музички стилови, „Џи-би-ејч“ (GBH) веќе повеќе од 30 години остануваат верни на оригиналниот хардкор-панк во сите свои изданија. Сепак, бендот забележува до одреден степен експериментирање со стил благо наклонет кон спид-метал звукот, присутен во албумот од 1992 година „Church of the Truly Warped“, но потоа повторно се враќаат кон чистиот панк звук. Денес „Џи-би-ејч“ (GBH) зад себе имаат 11 студиски албуми и работат на материјалот за новиот албум кој ќе биде продолжение на последното издание од 2010 година „Perfume and Piss“.

Покрај „Џи-би-ејџ“ (GBH), на главната вечер на шеснаесеттото издание на „Таксират“ фестивал веќе се потврдени и настапите на холандскиот диџеј и продуцент кој многумина го сметаат за вистински технички и музички гениј Сандер Ван Дорн (SANDER VAN DOORN), култната хрватска електро-поп група „Денис & Денис“ (DENIS & DENIS) и контроверзното, немилосрдно и најпопуларно српско хип-хоп трио  „Бед копи“ (BAD COPY), а наскоро ќе бидат објавени и нови изведувачи.

НА 1 НОЕМВРИ ЗАПОЧНУВА ПРОДАЖБАТА НА ВЛЕЗНИЦИТЕ ЗА ГЛАВНАТА ВЕЧЕР НА „ТАКСИРАТ“

Продажбата на влезниците за главната вечер на „Таксират“ фестивал која ќе се одржи на 7 декември во „Метрополис Арена“ во Скопје, ќе започне од 1 ноември 2014 (сабота). Првите т.н. „еarlybird“ влезници кои ќе бидат достапни во продажба во ограничен број ќе се продаваат по промотивна цена од 500 денари.

Покрај регуларните влезници за главната вечер, достапни ќе бидат и ВИП влезници по цена од 1 000 денари со кои освен што добивате посебно место во „Метрополис Арена“, добивате и гратис „селфи“ со најдобриот поглед на главната бина на „Таксират“, изведувачите и илјадниците „таксиратлии“.

Продажбата на влезниците за главната вечер на „Таксират“ ќе се спроведува во продажната мрежа на МКтикетс или поточно:

  • Продажните салони на „One“ низ Македонија
  • Во Скопје: „Југотон“, „МПМ Пресс“, „Гоги“ – Драчево, Универзална Сала, Кафе „Круг“ – Аеродром, Кафе „Браво“.
  • Низ Македонија: „Тобако“ – Охрид, „Алпине“ – Тетово, „Шишко“ – Кочани, „Агора“ – Куманово, „Хардрок“ – Битола.
  • Онлајн преку www.mktickets.mk .

Главната вечер на песнаесеттото издание на „Таксират“ фестивал, атрактивниот „лајн-ап“ и дополнителната програма на фестивалот се реализирани благодарение на поддршката од телекомуникацискиот оператор „Уан“ (ONE).



Врати се горе ↑