Свет

18 јули, 2019

Легендата се враќа: Миси Елиот најавува нова музика

Кон крајот на деведесеттите и почетокот на новиот милениот речиси невозможно беше да не се слушне песна од американската ѕвезда Миси Елиот, чии хитови и соработки со колегата Тимбаленд секогаш беа придружувани со мошне интересни и необични видеа… Нејзиниот засега последен албум, „The Cookbook“, беше објавен во 2005 година и оттогаш имавме можност повремено да ја слушнеме во некои соработки или синглови, но претежно беше активна зад сцената, пишувајќи за други уметници.

Но, се чини дека долгогодишната пауза конечно ќе заврши и на повидок е нова ера за 48-годишната рап-дива. Имено, таа ќе се најде на насловната страница на новиот број од американското списание „Мари Клер“, каде што под нејзиното име пишува: „Легендата се враќа“.

Во разговорот за списанието, музичарката откри дека веќе го подготвува долгоочекуваниот, седми по ред студиски албум, чија цел е да го потсети светот дека „нема никој како Миси“. Меѓу другото, таа се осврна и на почесниот докторат во музика, кој го доби на 11 мај на престижниот колеџ „Беркли“, но и на фактот дека на 13 јуни годинава стана и првата хип-хоп уметница во Халата на славните музички автори.

Нејзиното влијание на музичката сцена се чувствува и денес, а што подготвува за новото поглавје во мошне плодната долгогодишна кариера, се надеваме дека ќе дознаеме наскоро. Во продолжение потсетете се на еден од нејзините најголеми хитови, „Work It“!



Врати се горе ↑