Концерт

23 август, 2017

Легендарните „Тото“ за првпат доаѓаат во Скопје

„Авалон продукција“ со огромно задоволство информира дека еден од најголемите американски бендови на сите времиња – „ТОТО“, за првпат доаѓа во Скопје, со концерт во рамките на јубилејната турнеја по повод 40 години од нивното постоење. Концертот е закажан за 5 март 2018 година, во ВИП арената „Борис Трајковски“.

Познати по своите врвни свирачки достигнувања, „Тото“ е бенд кој светската музичка јавност го третира како еден од најдобрите во музичката индустрија, а членовите ги карактеризира како „Кралеви на живата свирка“. Во 2018 тргнуваат на голема светска турнеја која опфаќа 40 земји, насловена „40 Trips Around The Sun“, со која одбележуваат 4-децениска работа, а и со нов студиски албум кој треба да излезе во февруари идната година. 

„Јас, Дејвид, Стив и Џозеф сме задоволни и истовремено возбудени за долгогодишниот успех на бендот. Оваа јубилејна турнеја, по повод 40 години од постоењето на ’Тото’ ќе биде многу специјална турнеја за секој од нас и за сите наши фанови низ светот“, вели гитаристот Стив Лукатер.

За родоначалниците на стадионскиот рок ова ќе биде 23. турнеја и 14. по ред студиски албум, после низа мултиплатинести плочи продадени во преку 35 милиони примероци.  Хитовите како што се Rosanna“, „Africa“, „Hold The Line и уште многу други им донесоа многу музички признанија и пет Греми награди.

Покрај бројните споредни проекти, музичарите работеле на музика за други изведувачи, меѓу кои и Мајкл Џексон, чиј историски албум „Thriller“ е во голема мера отсвирен од „Тото“, а Стив Поркаро е автор на баладата „Human Nature“, која често ја изведуваат на нивните концерти.

Цените на влезниците за овој навистина голем музички настан ќе бидат објавени утревечер во 21 часот, а продажбата започнува на 25 август во 9 часот преку продажната мрежа на „Купи карти за сè“ низ цела Македонија.

21032415_1768230043205015_5577329297122491991_n



Врати се горе ↑