Концерт Facebook-Cover

23 септември, 2013

Легендарниот рок бенд Дип Парпл за прв пат во Белградска Арена

Благодарение на Авалон Продукција, најголемиот хард рок бенд на сите времиња Дип Парпл (Deep Purple) на 18-ти февруари 2014 година ќе настапи во Белград, и тоа по прв пат во Комбанк арената! Белград прв пат го посетиле уште во далечната 1975 година, а после двата големи концерти на Белградски саем во 2003 и 2006, овој пат доаѓаат во рамките на големата светска турнеја насловена по овогодинешниот албум „Now What?!“ кој фановите и критиката го сметаат за еден од најдобрите во кариерата на бендот која ја предводи легендарниот Иан Гилан.

Концертот во Белград воедно ќе биде и единствен на територијата на поранешна Југославија и пошироко. Цените на влезниците и почетокот на продажбата ќе бидат објавени во четврток.

Дип Парпл доаѓаат cо стандардна, во изминатите децении, востановена постава која покрај легендарниот пејач Гилан, ја сочинуваат уште тапанарот Иан Пајс, басистот Роџер Гловер, гитаристот Стив Морс и клавијатуристот Дон Ери кој од 2002 година го заменува неодамна починатиот Џон Лорд. На деветнаесеттиот студиски албум  „Now What?!“, објавен во април оваа година, воедно има и две песни кои се посветени на Лорд, „Uncommon Man“ и „Above & Beyond“. Албумот го продуцираше Боб Езрин, познат по долгогодишната соработка со групата Пинк Флојд, но и со имиња како Питер Габриел, Лу Рид, бендовите Кис, Аеросмит, Најн Инч Неилс, Дефтоунс и др. Критиката и фановите ширум светот сметаат дека ова е нивниот најдобар албум во изминатите 20 години, со многу класичен Дип Парплс звук кој се поврзува со првите албуми на бендот од почетокот на седумдесетите години.

Дип Парпл се сметаат за пионери на хеви метал звукот. Тие се еден од омилените бендови на многу групи како што се Ајрон Мејден, Металика, Квин, Моторхед, Бон Џови, Аеросмит, Пантера, Ганс ен’ Роузис… Бендот зад себе има 19 студиски и неверојатни 34 концертни албуми, заедно со 27 објавени „best-of“ компилации, кои зедно го сочинуваат еден од најголемите тиражи во историјата на музиката со прeку 100 милиони продадени изданија! Со вкупно 27 турнеи во кариерата, Дип Парпл со право се сметаат за еден од најголемите рок бендови на сите времиња, познат по одличните настапи и енергија на која и денес се огледуваат генерации на млади музичари.



Врати се горе ↑