Настани

27 април, 2018

Легендарниот Роџер Санчез доаѓа на „Скопје колинг 2018“

Легендата на хаус-музиката, Роџер Санчез е најновата ѕвезда што го дополнува импресивниот список на годинашното издание на фестивалот „Скопје колинг“, во чии рамки ќе настапат светски и регионални музички имиња. Санчез ќе настапи во иста вечер со колегата Алан Вокер, на 2 јуни на стадионот на АРМ, а неговиот сет ќе започне од 2 часот по полноќ и ќе трае до 4 наутро.

Како што велат од „Авалон“, вечерта на 2 јуни ќе биде спој на младоста, актуелноста и атрактивноста на Алан Вокер во комбинација со искуството и квалитетот на добрите журки на Роџер Санчез. Цената на билетите останува иста, односно 1.000 денари чинат билетите за партер, а 1.500 за фан-пит.

 

Вокер и Санчез се само почеток на годинашниот „Скопје колинг“, а веднаш по нив, на 3 јуни со диџеј-сет ќе настапи и Систер Блис од „Феитлес“, додека на 22 јуни концерт ќе одржи легендарниот трип-хоп бенд „Морчиба“. Следната вечер, на 23 јуни, стадионот на АРМ ќе грми со звуците на британската поп-рок атракција „Тексас“, чиј настап ќе биде и прв на Балканот, а во истата вечер публиката ќе ужива и со најголемите хитови на една од најпознатите југословенски ѕвезди, Дарко Рундек.

Прв настап во регионот ќе има и водечкиот тандем на електронската музичка сцена, Аксвел и Ингросо, кој е закажан за 24 јуни, исто така на стадионот на АРМ. Освен „Скопје колинг“, „Авалон“ го организира и фестивалот „Охрид колинг“, во чии рамки ќе настапат исто толку звучи имиња, како што се Димитри Вегас и Лајк Мајк, Џекс Џонс и Армин ван Бјурен, а нивните настапи се закажани на 1, 2 и на 4 август во стадионот „Билјанини извори“.

Влезниците за сите настани во организација на „Авалон“ можете да ги набавите и онлајн на нивната неодамна отворена веб-страница www.avalon.mk.



Врати се горе ↑