Концерт Ministry Promo pic 2017

18 март, 2017

Легендарниот метал бенд „Министри“ на 4 јуни во Белград

Еден од највлијателните и најзначајните индустријал метал бендови на сите времиња, „Министри“ од Чикаго, на 4 јуни ќе одржи концерт во „Барутана“ на Калемегдан. Несекојдневниот сценски настап и високото ниво на енергија кои го достигнуваат заедно со публиката придонесува за одлична атмосфера, па истото може да се очекува и на концертот во Белград.

Групата „Министри“ ( Ministry) е основана во 1981 година во Чикаго, а во својата рана фаза делуваше како њу-уејв синтпоп бенд. Веќе со второто издание, „Twitch“ од 1986, а особено со албумот „The Land Of Rape And Honey“ го менуваат стилот и стануваат пионери на индустријал метал музиката. Тоа беше пресврт кон звукот по кој станаа познати во музичката историја.

Во раните деведесетти години од минатиот век, бендот доживеа глобално пробивање и голем комерцијален успех со албумот „Psalm 69: The Way To Succeed And The Way To Suck Eggs“, кој најавен со брилијантниот сингл „Jesus Built My Hotrod“, се смета за најзначајното издание за индустријал музиката. Албумот е продаден во 2 милиони примероци и на бендот му обезбеди позиција на турнејата „Лолапалуза“, отворајќи пат за мејнстрим успех на изведувачи како што се Мерилин Менсон и „Рамштајн“.

Во текот на неколку децении, во групата членуваа голем број музичари, но единствената константа е Ал Џоргенсен (Al Jourgensen), една од легендарните фигури на алтернативната сцена во деведесеттите. За „Министри“ денес може да се рече дека претставува мост меѓу алтернативниот рок и панк звук од една и новиот индустријал метал звук од друга страна.

0406-ministry-fb-cover-03 (1)

Иако се верувале дека прв и последен пат ќе настапат во Србија на главната сцена на фестивалот „Егзит“ во 2008 година, кога соопштија дека се наоѓаат на својата последна турнеја, бендот повторно се собра во 2012 година. Година дена подоцна беше објавен албумот „From Beer To Eternity“, кој е посветен на починатиот гитарист Мајк Скачи.

Влезниците за белградскиот концерт на „Министри“, во продукција на „Стрејнџфир“ (Strangefear), ќе бидат пуштени во продажба в понеделник, 20 март, преку продажната мрежа на „Евентим“, по цена од 2.490 српски динари (1.240 денари).



Врати се горе ↑