Видео 1425633_772708962744839_1359004905_n

7 декември, 2013

Лаура Паузини слави 20 години кариера

Познатата италијанска музичарка Лаура Паузини (39) неодамна ја објави компилацијата насловена „20 – The Greatest Hits“, со која означува 20 години од нејзината музичка кариера која ја започна во 1993 година. На оваа компилација се најдоа нови верзии на веќе познатите хитови од досегашните 10 студиски албуми, како и еден од нејзините најпознати хитови со кој ја започна својата кариера – песната „Solitudine“. Албумот е објавен во 2 верзии – на стандардното издание се наоѓаат 18 песни, додека луксузната верзија содржи 2 диска со дополнителни 20 песни, меѓу кои 3 сосема нови, снимени во текот на оваа година. Песните се отпеани на сите јазици на кои Лаура запеала до сега, а тоа се италијански, шпански, француски, англиски и португалски јазик.

Како прв сингл со кој го најави ова издание се појави темата „Limpido“ во која гостува познатата австралиска пејачка Кајли Миног, а на почетокот на ноември беше претставен и вториот сингл насловен „Se Non Te“. Дуетот со Кајли има и соло верзија, како и верзија на шпански јазик. Видео изданијата за овие две теми можете да ги погледнете во продолжение.

 

Паузини неодамна ја започна и нејзината деветта турнеја во кариерата, а четврта по ред во светски рамки. Првиот концерт од турнејата насловена „The Greatest Hits World Tour“ го одржа на 5-ти декември во Италија, каде што ќе настапи во повеќе градови ширум земјата, веќе во февруари ќе продолжи во Јужна и Северна Америка, а завршниот концерт е закажан за март во Ванкувер, Канада. 



Врати се горе ↑