Свет

30 јануари, 2018

Лани доби забрана, ама сега ќе пее за Русија на „Евровизија 2018“

Скандалите и контроверзиите некако постојано се дел од евровизиската приказна, а секако дека најдобро се сеќаваме на минатогодишната ситуација со несудената руска претставничка Јулија Самојлова. Имено, веднаш откако рускиот национален сервис објави дека токму неа ќе ја прати во Киев, украинските власти започнаа истрага, по што следеше 3-годишна забрана за влез во Украина бидејќи настапувала во кримскиот град Керч во 2015, само една година откако полуостровот бил преземен од Русија. Сето тоа резултираше со комплетно повлекување на Русија од натпреварот.

Сега, откако фестивалот се пресели во Португалија, Русија повторно го потврди своето учество и одлучи Јулија Самојлова конечно да ја добие честа да ги брани боите на својата земја. Веста ја потврди и Првиот канал на рускиот сервис, додавајќи дека пејачката веќе започнала со подготовки за Лисабон, а песната со која ќе се претстави годинава ќе биде објавена во наредните недели.

 

Инаку, Јулија Самојлова е родена во 1989 година во рускиот град Укта. Била финалистка во рускиот „Х фактор“, а ја добила и наградата „Златната ѕвезда на Ала“, наречена по руската евровизиска претставничка од 1997 година, Ала Пугачева. Исто така, Јулија настапувала и за време на отворањето на ЗОИ во Сочи во 2014 година.

Доколку не добиеше забрана за влез во Украина, нејзината песна „The Flame Is Burning“ лани важеше за една од фаворититеи сигурно ќе имаше добар пласман, а пред официјалното повлекување од натпреварот, обложувалниците ја сместуваа меѓу првите пет.

 

Од приклучувањето во натпреварот во 1994 година, Русија немаше позначаен успех сè до 2000 година, кога за првпат се најде меѓу најдобрите 3, после што следуваа низа успеси и, секако, 1. место во 2008. Од 2011 досега, Русија постојано е меѓу првите 10 во финалето, а според вчерашното влечење жрепка, годинава Јулија (конечно) ќе настапи во рамките на втората полуфинална вечер.

Извор: Eurovision.tv



Врати се горе ↑