Македонија lambe-2

13 ноември, 2013

Ламбе Алабаковски е победник на фестивалот „Скопје 2013“

Синоќа се одржа овогодинешното издание на Скопскиот фестивал, во чии рамки беа изведени 20 композиции, а на сцената во Македонската опера и балет запеаја 23 изведувачи. Улогата на водител ја имаше познатиот актер Васил Зафирчев, кој отпеа и неколку песни од изминатите изданија на фестивалот, а наградата за животно дело годинава му беше доделена на познатиот композитор Љубомир Бранѓолица.

Вчера за прв пат слушнавме одлични рефрени кои сигурно уште долго ќе се паметат, а според гласовите на публиката и гледачите за победничка композиција беше избрана темата „Ќе те чекам јас“, потпишана од Јован Јованов, а во изведба на Ламбе Алабаковски, кој со 124 гласа го освои првото место и награда вредна 20 000 евра. Оваа победа Ламбе ја посвети на неговата почината мајка, а неговиот настап можете да го погледнете во продолжение.

 

Второпласираната композиција насловена „Тешко без тебе“ ја отпеа Тамара Тодевска, која заедно со Роберт Билбилов ја потпишува и мелодијата, а текстот го напиша Игор Џамбазов. Со освоени 89 гласови, Тамара си замина дома со статуетка и награда вредна 10 000 евра. По минатогодишниот хит „Готово е“, ова трио уште еднаш докажа дека е тим што никако не треба да се менува! Одличната изведба на оваа прекрасна балада можете да ја видите во продолжение.

 

Со 77 гласови, на третото место се најде композицијата „Ако ме боли“, чии автори се Лазар Цветкоски (музика и аранжман) и Милан Миланов (текст), а ја отпеа Димитар Андоновски, кој освои и награда вредна 5000 евра. Емотивната изведба на оваа прекрасна балада можете да ја видите во продолжение.

 

Скопски фестивал 2013, како што најави организаторот, Македонската радио-телевизија, помина во прекрасна фестивалска атмосфера. Покрај 20 одлични и композиции, изведени од исто така квалитетни изведувачи, Скопје 2013 оваа година овозможи комплетно музичко и визуелно уживање. Прекрасната сцена на Македонската опера и балет беше исполнета со сите годишни времиња доловено преку огромните лед дисплеи, сценското осветлување и другите светлосни ефекти.

„Ветивме одлични композиции, тоа и го дадовме, ветивме фестивал кој ќе биде празник на музиката – исто така го исполнивме, ветивме дека ќе го вратиме реномето на Скопски фестивал, неговиот сјај и престиж и затоа можам да кажам дека успеавме. Се помина во совршен ред и останува уште да дозволиме песните отпеани оваа вечер да станат македонските хитови до следниот Скопски фестивал“ – изјави Мери Попова, одговорна за проектот Скопски фестивал 2013.

Покрај кавлитетната музика Скопје 2013 се издвојува по својата хумана цел, организаторот на фестивалот, МРТ и мобилните оператори преку кои се одвиваше гласањето се откажаа  од своите приходи и одлучија собраните финансиски средства  да ги донираат за хумани цели.

Насловна фотографија: Телеграф



Врати се горе ↑