27 јули, 2014

Ла Тоја Џексон се враќа со „Feels Like Love“

По приближно 19 години од нејзиниот последен студиски албум, Ла Тоја Џексон се враќа со нов материјал. Пејачката која е дел од најпознатото музичко семејство Џексон, дебитираше во 1980 година со синглот “If You Feel The Funk”, а нејзината втора песна “Night Time Lover” ја продуцираше нејзиниот славен брат, Мајкл Џексон, кој подоцна стана еден од најпознатите изведувачи во историјата на музиката. Својот последен албум „Stop In The Name Of Love“, Ла Тоја го објави во 1995 година, потоа во 2010 го претстави ЕП изданието „Starting Over“, а минатата година го снимаше реалното шоу „Life With La Toya“, кое се емитуваше на новата телевизиска мрежа која ја води Опра Винфри. 

Со оглед на тоа што изминатиов период помина во знакот на нејзиниот покоен брат (неговиот втор постхумен албум „Excape“ и одбележувањето на 5 години од смртта), воопшто немаше никакви најави за нови проекти и изданија од пејачката, така што нејзиниот нов сингл „Feels Like Love“ дојде како изненадување. За американскиот Хафингтон Пост, 58-годишната Ла Тоја изјавила само дека „одлично е чувството после толку години да се врати во музичката индустрија со нова песна и видео запис“, а како изгледа и звучи сето тоа можете да видите горе.



Врати се горе ↑