Настани

16 април, 2018

„Ла ла ла“ на Саша Евтимова на затворањето на 11. ИТФ „Лица без маски“

Со кореодрамата „Ла ла ла“, авторски независен проект на Саша Евтимова, ќе биде означен крајот на 11. издание на ИТФ „Лица без маски“. Претставата „Ла ла ла“ е дел од официјалната натпреварувачка програма на фестивалот и ќе биде изведена на малата сцена при МОБ, со почеток од 22 часот.

Претставата „Ла ла ла“ е еден сон за убавите спомени, раскажани со помош на одличната музика на Драган Ѓаконовски Шпато, Тодор Бојаџиев, Димитар Масевски, Дуке Бојаџиев, визуализирани преку совршената кореографија на Саша Евтимова.

Веселата и ведра приказна ја раскажуваат солисти и балетскиот ансамбл на МОБ, Ангела Велевска, Игор Веланоски, Христина Наќевска, Мирослав Митрашиновиќ Ангела Богатинова, Агим Бафтии, Мила Ниновска Кристијан Јангос, Дилјана Јанева, Мартин Саздовски, Медина Јусуфовиќ, Ендру Кук, Романа Јуханесовичова, Симона Митовска, Андреј Литвиненко, Саша Евтимова.

Веднаш по завршувањето на претставата „Ла ла ла“, на сцената на МОБ, ќе бидат доделени трите фестивалски награди: Гран-при за најдобра претстава во целина, Наградата за најдобра режија и Наградата за најдобро актерско остварување на фестивалот, за кое одлучува жирито во состав: Нина Николиќ (режисер), Дарија Ризова (актерка) и Драган Лукан Николовски (драматург).



Врати се горе ↑