Свет

8 февруари, 2018

Квинси Џонс: „Мајкл Џексон крадеше песни, ’Битлси’ се најлошите музичари на светот“

Легендарниот музички автор, аранжер и продуцент Квинси Џонс го привлече вниманието на јавноста заради речиси скандалозните изјави што ги даде во неодамнешен разговор со „Валчр“ (Vulture). Имено, сопственикот на 28 Греми, имал многу што да каже за искуствата во повеќедецениската кариера, како и за сегашната ситуација во музичката индустрија. Секако дека неизбежни се прашањата поврзани со Мајкл Џексон, чии три најзначајни албуми во неговата кариера, „Off The Wall“ (1979), „Thriller“ (1982) и „Bad“ (1987), ги продуцираше токму Џонс.

„Мразам да зборувам за ова јавно, но Мајкл украде многу песни“, рекол тој, особено нагласувајќи ја култната „Billie Jean“, за чија мелодија тврди дека Џексон ја украл од „State of Independence“ на Дона Самер, која била објавена во 1982 и во која Мајкл ги отпеал придружните вокали. „Нотите не лажат. Тој беше вистински Макијавели“, додал 84-годишниот музичар.

 

Беше многу алчен. Алчен. На пример, клавијатуристот Грег Филингејнс напиша голем дел одDon’t Stop ‘Til You Get Enough и заслужено требаше да добие 10 проценти од правата на песната, но Мајкл не сакаше да го направи тоа“, објаснил тој.

 Мајкл Џексон и Квинси Џонс на почетокот на нивната соработка (крајот на ’70 / почеток на ’80)

Понатаму во разговорот, Џонс тврди дека знае и кој го убил Кенеди, како и дека „Битлси“ се најлошите музичари на светот. „Пол (Макартни) беше најлошиот басист што сум го слушнал некогаш. А Ринго? Да не го ни спомнувам. Се сеќавам еднаш кога бевме во студио со Џорџ Мартин, на Ринго му беа потребни три часа за да направи четири такта. И не успеа. Му рековме: ’Друже, оди напиј се едно пиво, јади нешто и направи пауза од час и пол, одмори се’. Штом замина, го викнавме џез-тапанарот Рони Верел, кој дојде и заврши работа за 15 минути. Кога Ринго се врати, ни рече да преслушаме уште еднаш и рече: ’Па не звучи лошо’, а јас му одговорив: ’Па да, бидејќи не беше ти’. Сепак, добро момче беше“, се присетил Квинси.

Мајкл Џексон, Пол Макартни, Квинси Џонс и Грег Филингејнс во студио

Во поглед на состојбата на музичката сцена денес, вели дека нема добра музика бидејќи продуцентите се заинтересирани само за заработувачката. „Кога си повеќе заинтересиран за алкохол и лекови и слични глупости, Господ си заминува од собата. Никогаш во мојот живот не сум правел музика за слава или за пари. Ниту за ’Thriller’. Никако. Господ си заминува од собата кога размислуваш за пари. Можеш да потрошиш милиони долари за дел за пијано и нема да успееш да си ги вратиш. Тоа не функционира така“, објаснил тој, додавајќи дека нема иновација во модерната музика.

„Сето тоа е само битови, рими… Што имам да научам од тоа? Нема песни. Песната е моќта, а пејачот е оној што ја пренесува пораката. Ни најдобриот пејач на светот не може да спаси лоша песна. Го научив тоа пред 50 години, и тоа е најголемата лекција што ја научив како продуцент. Ако немаш добра песна, не е важно што друго ќе ставиш околу неа… Менталитетот на луѓето што прават музика е погрешен. Продуцентите денес ги игнорираат сите музички принципи од претходните генерации. Тоа не функционира така: Треба да користиш сè од минатото. Ако знаеш од каде доаѓаш, полесно ќе знаеш каде одиш. Треба да ја разбереш музиката за да допреш до луѓето и таа да стане саундтракот на нивните животи…  Музичките принципи постојат. Музичарите денес не можат да излезат на крај со музиката бидејќи не си ја направиле домашната работа со левиот мозок. Музиката е емоција И наука. Не мораш да ја вежбаш емоцијата, таа доаѓа природно, но со техниката е поинаку… Луѓето музички се ограничуваат. Знаат ли овие музичари танго, макумба, самба, боса-нова или ча-ча?“ 

 

Сепак, има неколкумина од неговите помлади колеги за кои смета дека добро си ја вршат работата. „Бруно Марс. Ченс д рапер. Кендрик Ламар. Ми се допаѓа како размислува Кендрик. Тој е приземјен. Ченс, исто така. А одличен е и Ед Ширан, како и Сем Смит. Марк Ронсон дефинитивно знае како да продуцира“, заклучи тој.

И.Ј. / Извор: Vulture.com



Врати се горе ↑