Аудио qf

3 октомври, 2014

„Квин“ ја претставуваат „изгубената верзија“ на песната „Love Kills“

„Love Kills” е првата соло нумера која пејачот на групата „Квин“, легендарниот Фреди Меркјури ја објави во 1984 година. Песната, која беше снимена за потребите на саундтрак изданието за познатиот беззвучен филм „Метрополис“ (1927), ја продуцираше Џорџо Мородер. Како што се тврди, иако не биле потпишани, во создавањето на песната учествувале и останатите три челнови на бендот, додека официјалната верзија на песната има мошне интересна историја. Имено, саундтрак изданието за филмот во 1985 година било номинирано за не многу посакуваната награда „Златна малина“ во категоријата „Најлоша оригинална филмска музика“, додека самата песна добила номинација за „Најлоша филмска песна“.

Можеби проблемот бил во тоа што песната била претставена во погрешна верзија, но затоа на својот долгоочекуван албум „Queen Forever“, на кој ќе се најде и неодамна објавениот дует со Мајкл Џексон, групата ќе ја претстави „изгубената“ и сосема поинаква верзија на песната во која може да се слушне вокалот на Меркјури во аранжман многу поблизок до стилот на „Квин“. Новата верзија можете да ја слушнете во продолжение, а на старата можете да се потсетите овде.

„Queen Forever“, кој ќе содржи 20, односно 36 песни за двојното издание, ќе биде објавен на 11 ноември.



Врати се горе ↑