Настани apf-probistip

10 мај, 2013

Културен активизам на Аква Парк Фест

АКВА ПАРК ФЕСТ како open-air издание на ТАКСИРАТ фестивалот, кој годинава прославува 15 години постоење, се одржува продолжувајќи ја културната платформа на Таксират како иницијатива за култрен активизам, поттик на култирниот развој и општествената одговорност.

Дел од овие активности е и волонтеризмот застапен на секое издание на Таксират, а кој ги вклучува младите волонтери со цел да се зголеми свеста на значењето на придонесот на доброволно ангажирање и да се поттикнат што повеќе млади луѓе (особено студенти) преку ангажманите во рамките на фестивалот да научат многу нови работи, да ги усовршат своите вештини, а при тоа и да го оплеменат своето секојдневие со забава, искуство, дружба, хуманост… Годинава во рамките на Аква Парк Фест, како дел од истакнувањето на значењето на волонтеризмот во меѓународното движење за развој, задолжени се групата големи ентузијасти и поборци за студентските права од денес најмасовната и прочуена студентска организација БЕСТ – Скопје, која е целосно организирана и водена од студенти. Им благодариме на сите волонтери кои преку оваа организација се дел од Аква Парк Фест, а кои имаат важна улога во зголемување на свеста за значењето на придонесот на добороволно ангажирање, како израз на човекова хуманост, солидарност и сплотеност, како и чувство на одговорност за својата заедница.

Во рамките на активностите за општествена ангажираност и одговорност, АКВА ПАРК ФЕСТ вклучува работа на проекти како од еколошка така и од областа на музиката и уметноста, што ќе придонесе за будење на чувството на поврзаност и меѓузависност помеѓу човекот и природата и за спроведување на здрав начин на живот во хармонија со природното опкружување. Фестивалот ги обединува силите на еко-активистите, музиката и уметноста, студентските организации, владините и невладините организации, во заедничка акција за сочувување и решавање на проблемите со животната средина.

Дводневниот музички фестивал во природа, со можност за кампување, има за цел да ги извлече луѓето, пред сѐ младите од сивилото на градскиот живот и да им ја врати љубовта и почитта кон природата. Посетителите ќе имаат можност да научат за рециклирањето, за обновливите извори на енергија, еколошки ресурси, производи и технологии, за органската храна, здрави животни навики кои ќе придонесат за почиста животна околина, да се запознаат и вклучат во активностите на невладините организации од полето на екологијата. Аква Парк Фест водено ги повикува сите еко активисти, граѓани и организации ангажирани во полето на екологијата, со своите проекти и предлози да се пријават на info@aquaparkfest.com и да земат активно учество во оваа заедничка акција.

Со цел подобро да ги промовираме и младите талентирани уметници, АКВА ПАРК ФЕСТ организира и културна платформа која ќе ја опфати и современата арт сцена, организирајќи го конкурсот и  за уметничко уредување и декорирање на фестивалскиот простор. Младите уметници и сите заинтересирани се повикани со своите дела и креативност да допринесат за визуелниот идентитет на фестивалот. Со доза на креативност секој сегмент од фестивалскиот простор има потенцијал да прерасне во вистинска уметничка инсталација. Младите автори со своите идеи и дела можат да се пријават до 15 мај преку и-мејл адресата info@aquaparkfest.com, на овој начин ќе имаат можност на фестивалот да го претстават своето творештво пред широкиот спектар на многубројната публика.

 

За време на фестивалот, посетителите ќе имаат можност да ги проследат своите омилени музички бендови, диџеи и неколку нови надежни демо бендови кои музичката слава допрва ги чека, можност да се забавуваат во природа и со различните водени атракции на Аква Паркот, да учествуваат во спортски активности… Од музичката програма веќе се потврдени настапите на PAUL VAN DYK, КИРИЛ ЏАЈКОВСКИ, MARK KNIGHT, SUNNERY JAMES & RYAN MARCIANO, СУПЕРХИКС, ФОЛТИН, BERNAYS PROPAGANDA, S.A.R.S., Smut, Foolish Green, Conquering Lion, Сашко Костов & TWW, Iceberg & Lephonq, Flooder, Rootboy, Цобе&Стефано, New Sound Band, Ghetto Rudi, Branchez, No End, Прв Ред, Skullcrush, Skyrise и Anna O.

АКВА ПАРК ФЕСТ ќе се одржи на 24-ти и 25-ти мај, на просторот на првиот Аква Парк во Македонија, лоциран во Пробиштип. Означувајќи го воедно и стартот на новата сезона на Аква Паркот, фестивалскиот простор и програмата ви гарантираат несекојдневна можност за повеќедневна забава под отворено небо и ново искуство кое нема да го заборавите.

Ве потсетуваме дека останати се уште мал број од „earlybird“ влезниците со кои најбрзите купувачи имаат можност да бидат дел од Аква Парк Фест за специјална промотивна цена. Во оваа понуда достапни се два вида влезници и тоа:

• фестивалска влезница од 700 денари (во која е вклучен бесплатен камп простор и бесплатно користење на Аква паркот и водените атракции за двата дена од одржување на фестивалот)

и

•  еднодневна влезница од 400 денари (во која е вклучено бесплатно користење на Аква паркот и водени атракции за денот за кој ја купувате влезницата).

Овие билети се продаваат во ограничен број, а можат да се купат во продажните салони на One низ Македонија, продажните салони на Office Plus и продажната мрежа на МКтикетс.



Врати се горе ↑