Концерт

26 декември, 2017

Култните „Лајбах“ со ексклузивен концерт во Скопје

Фестивалот „Таксират“, во низата концертни настани со кои во 2018 година го одбележува своето 20. издание, ви го претставува концертот на култната словенечка група „Лајбах“ (Laibach), која пред македонската публика, на 27 март 2018 ќе го претставуви фантастичниот нов студиски албум „Also Sprach Zarathustra“! По три години, една од највлијателните групи од југословенските простори со убедливо најголем меѓународен успех, се враќа во Скопје и тоа првпат во МКЦ, на ексклузивен концерт со строго ограничен капацитет и во многу поинтимна атмосфера од било кога досега.

 

Музиката за новиот албум, „Лајбах“ ја компонираше за театарската претстава „Така зборуваше Заратустра“, основана на едно од најзначајните филозофски дела на Фридрих Ниче, а која ја режираше Матјаж Бергер во театарот „Антон Подбевшек“ во Ново Место. Групата го најави овој албум и со два видеоспота, за нумерите Das Nachtlied I“ и Vor Sonnen-Aufgang. Од светската критика пак, овој албум собра исклучителни пофални рецензии оценувајќи го делото како „проект кој е толку многу лајбаховски што е чудо дека не го реализирале порано“ (Вајр (The Wire)). Порталот „Криптик рок“ (Cryptic Rock) го нарекува овој албум сонично ремек-дело, а угледниот австриски „Винер цајтунг“ (Wiener Zeitung) едноставно заклучува „’Лајбах’ се извонредни“.

 

Скопскиот концерт на „Лајбах“ е во рамките на европската турнеја за „Also Sprach Zarathustra“, на која бендот изведува целосно нова концертна програма, песните од актуелниот албум, но и класиците од својот репертоар во нов аранжман, кои не ги изведувале со години.

Влезниците за овој концерт се достапни преку продажната мрежа на МкТикетс и само во органичен број! Најповолната цена од 500 денари е ограничена само за првите 300 билети, а по нивното распродавање, вториот и третиот подеднаков контингент влезници ќе бидат достапни по цена од 600 и 700 денари.

„Лајбах“ уште на почетокот на 80-тите години стана гордост на бунтовните и прогресивни луѓе во регионов и пошироко, а останаа запаметени како прототип за голем број бендови, меѓу кои и славните Германци „Рамштајн“. По 35 години кариера, тие сѐ уште важат за најголемиот меѓународно признат бенд од поранешните комунистички земји од Источна и Централна Европа, а и покрај светскиот успех, „Лајбах“ успева да стои настрана од секаква поп-одредница и до ден денес е верен претставник на музичката авангарда. Како вистински легенди, тие важат за едни од најгенијалните индустријал уметници на сите времиња, кои воведоа нов пристап кон музиката. Нивната музика и идеи ги поставија корените на она што денес се смета за „милитаристички индустријал“, со извонредни дела кои важат за силна критика на механизираноста и оркестрираноста. Стилот на „Лајбах“ е пред сѐ критикувачки уметнички перформанс кој постојано посочува кон уметноста која станува алатка на тоталитаризмот и си поигрува со крајните граници на естетиката на фетишизмот и милитаристичката моќ, а може да ве натера да размислувате, да танцувате и да марширате на истата музика.

Покрај концертот на „Лајбах“, во веќе потврдените настани на „Таксират“ за 2018та се и настапите на „Крафтверк“ на 27 февруари и „Лорд оф д денс“ на 11 април во ВИП арената „Борис Трајковски“, „Гогол бордело“ на 29 мај во МКЦ, но и уште многу исклучителни концерти со кои фестивалот ќе го прослави своето јубилејно 20. издание, а кои наскоро ќе бидат објавени.



Врати се горе ↑