Концерт 79e2e96c-c933-429c-bfe4-e70cb13cc6dd

21 октомври, 2014

Култната електро-поп група „Денис & Денис“ настапува на „Таксират“ фестивал!

Скопје веќе 16 години по ред има свое скришно место за сите кои ја делат страста кон добрата музика и одличниот провод, но и една уникатна приказна од културната сцена на градот која секоја година покажува дека илјадници млади луѓе имаат свој „Таксират“ вреден за пркос на секојдневието. „Таксират“ фестивал годинава ја грицка слатката 16-ка, а главниот настан од прославата на овој роденден ќе се одржи на 7 декември на стандардната локација, „Метрополис Арена“ во Скопје. Време е да се подготвите за новото издание на фестивалот кој како и секоја година ќе се потруди максимално искрено да презентира нешто што нема да го видите често на своето редовно медиумско мени.

И почнуваме! Првиот артист од програмата на главната вечер, кој за прв пат ќе одржи настап на „Таксират“, но и прв пат во Македонија, е култната хрватска електро-поп група и една од најзначајните групи на југословенската поп музика, „ДЕНИС & ДЕНИС“. Групата предводена од славната пејачка со еден од најсексапилните вокали во регионот, Марина Перазиќ и клавијатуристот Давор Тоља, по пауза од 25 години, повторно се врати на сцената во својот оригинален состав заедно со Еди Краљиќ, но и сите членови на претходните состави, прославувајќи 30 години од нивниот прв настап.

Групата која ја освои публиката и медиумите во осумдесеттите години на минатиот век и освои признанија за најдобра група, албум, пејачка, спот, шоу и изроди бројни хитови кои и денес редовно се вртат на радио станиците, година дена по повторното оформување одржа бројни одлично прифатени концерти, објави нов албум и конечно доаѓа пред македонската публика која ќе има можност да се забавува на хитовите како Програм твог компјутера“, „Соба 23“, „Ја сам лажљива“, „Воли ме још ову ноќ и многу други.

 

„Денис & Денис“ започнаа со работа во 1982 година, кога по распадот на составот „Вријеме и земља“ (Vrijeme i zemlja), Давор Тоља го оформува дуетот со Марина Перазиќ. Групата многу брзо постигна успех, за што беа заслужни ефектните демо снимки и сексапилниот вокал на Марина и речиси преку ноќ ги освоија сите радио станици во поранешна Југославија. Првиот настап го имаа кон крајот на годината во риечката „Дворана младости“, а подоцна го објавуваат првиот студиски албум под наслов „Чувај се!“, кој беше најавен со хит синглот „Програм твог компјутера“.Чувај се!“ во списанието „Рок“ (Rock) беше прогласен за најдобар албум во 1984 година по мислење на критиката и публиката. На снимањето на материјалот гостуваа Масимо Савиќ (гитара), Зоран Продановиќ (вокал) и Еди Краљиќ (вокал), додека продуценти беа Давор Тоља и Андреј Баша. Следната година Тоља заминува на отслужување на воениот рок, а за време на неговите редовни посети го снимаат мини ЛП изданието „Ја сам лажљива“. Со овој албум постигнуваат уште поголема популарност, а како големи хит-песни помеѓу останатите се издвојуваат „Воли ме још ову ноќ“, „Ја сам лажљива“ и „Соба 23“, за која беше снимен и еротичен видео спот. Во спотот заедно со Марина Перазиќ се појавуваат и Еди Краљиќ, кој го менуваше Тоља додека тој беше на отслужување на воениот рок.

 

 

На крајот на годината од списанието „Рок“ собраа низа признанија меѓу кои и за најдобро видео за песната „Ја сам лажљива“, како и прогласувањето на Марина Перазиќ за најсексапилна и најпопуларна пејачка на годината. Групата продолжува со своите настапи како трио во 1985 година, а истата година на „МЕСАМ“, Марина истотака ја освојува наградата за најдобра пејачка на годината. Во септември 1986 година таа заминува од групата и кратко се посветува на својата соло кариера, објавувајќи го самостојниот албум „Марина“ на кој најмногу се истакнува песната која и денес често се слуша на радио станиците, „Колачичи“. Давор Тоља и Еди Краљиќ продолжуваат да творат како „Денис & Денис“ и го собираат концертниот состав на групата преоѓајќи повеќе кон рок музика. Албумот „Буди ту“ го објавуваат во 1988 година, а по низа одржани концерти истата година групата престанува со работа.

 

Во септември 2012 година основачот и автор на песните, Давор Тоља ја најавува регионалната турнеја на групата „Денис & Денис“, со сегашните и поранешни членови на групата, со која ги одбележаа 30-те години од својот прв настаподржан во 1982 година. Кон крајот на 2013 година со пејачката Руби Монтанари Кнез го објавуваат новиот албум под наслов „Restart“. Оваа година пак, „Денис & Денис“ конечно прв пат ќе гостуваат и во Македонија со концерт во рамките на „Таксират“ фестивал.

 

Подгответе се за новиот „Таксират“ на градот и деновите поминати со одличните музичари, незаборавните концерти и единствената фестивалска енергија кои секоја година го претвораат Скопје во централно место за собирање на илјадници прекрасни луѓе од целиот регион. Покрај главната фестивалска вечер,шеснаесеттото издание на „Таксират“ подготвува и дополнителна офф-програма како увертира на она што не очекува на 7 декември во „Метрополис Арена“. Во рамки на оваа програма веќе го најавивме повторното одржување на „Лузер Фест“, на 29 ноември во МКЦ, а наскоро ќе бидат објавени и останатите детали од програмата, како и информациите за влезниците.



Врати се горе ↑