Македонија _RAG9173

13 ноември, 2014

КУД „Дримкол“ со бројни активности во Азербејџан

Како што Ви пренесовме неодамна, КУД „Дримкол“ од Вевчани деновиве имаше настап во рамките на „Денови на македонското културно наследство“ во Азербејџан, а публиката беше воодушевена од  традиционалните игри, изворни песни и носии од различни краишта на Македонија. За време на претстојот, друштвото вчера  ја посети најголемата винарија „Аз Граната“ во Агсу, а со концерт на ансамблот беше свечено пуштена новата линија на вино од калинка, единствено во Кавкаскиот регион. КУД „Дримкол“ беше пречекано од првиот човек на винаријата, г-дин Вугар Михаилов, познат бизнисмен во Азербејџан, кој беше воодушевен од фолклорот на Македонија и изрази желба за посета на Вевчани и нашата земја.

Во попладневните часови, градоначалникот на Агсу свечено им додели сертификати на сите членови на КУД „Дримкол“, а на свеченоста која се организираше во Музејот на Агсу, предавања за македонското културно наследство одржа проф. д-р Рубин Земон, а беа прикажани и двата етнолошки филмови „Раѓање, живот и смрт“ на Рубин Земон и „Писание“ на Владимир Јаневски. Организаторот на „Деновите на македонското културно наследство“, организацијата „Мираз“, предводена од проф. д-р Фариз Халили, изрази големо задоволство од реализацијата на оваа манифестација и најави продлабочување на односите помеѓу двете држави на културен план во иднина.

 



Врати се горе ↑