Аудио

9 јуни, 2018

Крсте Роџевски го најави новиот албум со „Your Name“

„Your Name“ е првиот сингл од новиот албум на Крсте Роџевски, кој беше издаден неодамна. Станува збор за изданието насловено „The Rabbit And the Fallen Sycamore“, со кое битолскиот музичар ја заокружува трилогијата „Апоптоза“, а на кое му претходеа „Bitter Almonds“ (2017) и „Батанија“ (2015). Како што вели Роџевски, во циклусот на создавање песни за трилогијата, тој креира сложена лична митологија кадешто во главната улога се појавуваат туѓинци, љубовници и легендарни ликови од балканската и византиската историја како и од преданијата, поврзани околу темите љубов, загуба, секс и смрт.

Како што пишува „Бродвеј ворлд“, за разлика од претходните два албума од трилогијата, кои беа инспирирани претежно од љубовта кон семејството и родната грутка, во ова издание тоа полека исчезнува, преминувајќи од неговото минато кон сегашниот живот во САД и отсликувајќи ја таа „сива зона“ меѓу носталгијата и очекувањата. Сето тоа е доловено и во фотографијата на обвивката, за која се погрижи Икуо Мори.

Новиот албум содржи 10 композиции и е издаден за етикетата „Мач прифр рекордс“ (Much Prefer Records). Автор на музиката и стиховите на сите песни е самиот Роџевски, кој заедно со Томас Фуџивара ја потпишува и продукцијата на материјалот, а за миксот се погрижи Бил Ласвел. Во создавањето на песните учествуваа и едни од водечките имиња на њујоршката прогресивна џез-сцена, како што се гитаристката Мери Халворсон, пијанистот Крис Дејвис, Ингрид Лауброк на саксофон, Брајан Драј на тромбон, Мајкл Бланко на бас и Томас Фуџивара на тапани.

Список со песни на албумот „The Rabbit And the Fallen Sycamore“:

  1.  Polyester Suit
  2. Bucharest, 1913
  3. Your Name
  4. Madadayo
  5. Octopus
  6. Meet Me Online
  7. Out Of Key
  8. Wire
  9. Varanasi
  10. The Rabbit and the Fallen Sycamore

Како звучи воведот во новиот албум на Крсте Роџевски дознајте во продолжение. Уживајте!

И.Ј.



Врати се горе ↑