24 мај, 2018

Кристина Агилера и Деми Ловато со симболично видео за дуетот „Fall In Line“

Кристина Агилера полека се враќа во центарот на вниманието на светската музичка сцена, на која видно отсуствуваше речиси шест години, а за сето тоа најмногу придонесе вториот сингл од претстојниот албум што ќе биде објавен следниот месец. Станува збор за дуетот со помладата колешка Деми Ловато, темата насловена „Fall In Line“, која пејачките ја изведоа во живо на минатонеделното доделување на Билбордовите музички награди.

Опишана како женска химна, песната сега си доби и своја екранизација, како симболика на нивните кариери. Имено, приказната започнува со група девојчиња кои безгрижно си играат на ливада, но ненадејно се заробени и одведени во футуристички затвор, каде што се приморани да настапуваат… ова искуство го делат двете пејачки, чии кариери започнаа во Дизниевиот клуб „Мики Маус“. Сепак, тие наоѓаат сила да се спротистават и да почнат самите да ја кројат сопствената судбина.

🎥….💞

A post shared by Christina Aguilera (@xtina) on

„Fall In Line“ е втор сингл од она што ќе биде осмо студиско издание во кариерата на Агилера, а албумот симболично насловен „Liberation“ е закажан за 15 јуни. Како прв сингл беше објавена соработката со Тај Дола Сајн и Ту Чејнз,  „Accelerate“, чија продукција ја потпиша Канје Вест, а набрзо потоа следеше и баладата „Twice“.

Официјалното видео за дуетот на Агилера и Ловато погледнете го горе, а настапот на Билбордовите музички награди ве очекува во продолжение. Уживајте!



Врати се горе ↑