Свет 14016_10152505742969157_7507193494185768313_n

17 ноември, 2014

„Кралот на празниците“ со уште едно божиќно шоу

Популарниот канадски музичар, кој изминативе години е вистински „крал на празниците“, Мајкл Бубле четврта година со ред подготвува празнична емисија во која ќе ги отпее најпознатите божиќни и новогодишни песни. Годинава емисијата го носи насловот „Michael Bublé’s Christmas In New York“, а заедно со него неколку песни ќе отпеат легендарната дива Барбра Страјсенд, Аријана Гранде, Гица Прасица од „Мапет шоу“ и „Рокетс“.

Емисијата се снимаше деновиве во „Радио сити мјузик хол“ во Њуројк, а ќе биде премиерно прикажана на 17 декември на американската телевизиска мрежа „Ен-би-си“. „Премногу сум возбуден што божиќните празници ќе ги прославам со толку талентирани жени. Мислам дека оваа четврта празнична емисија ќе биде најдобрата досега и едвај чекам да ја погледнете“, изјавил музичарот, кој годинава празничниот репертоар го освежи и со соработката со бродвејската ѕвезда Идина Мензел, чиј дует „Baby It’s Cold Outside“ можете да го слушнете овде.

 

Кога сме кај празниците, ако минатата година уживавме со изданијата на Мери Џеј Блајџ, Тони Брекстон и Бејбифес,Кели Кларксон, Сузан Бојл и Леона Луис, годинава на ред дојдоа албумите на ЛиЕн Рајмс,  чие издание „One Christmas: Chapter 1“ беше најавено со „Silent Night, Holy Night, а капела групата „Пентатоникс“ и мултиталентираниот Сет Мекфарлан.

Петчлениот состав кој се прослави со одличните а капела преработки на познатите хитови, „Пентатоникс“ на 21 октомври го објави изданието „That’s Christmas to Mе“, кое воедно е и нивниот втор студиски албум, а содржи 11, односно 15 песни за ексклузивното издание. Нивната интересна комбинација на „Winter Wonderland“ и „Don’t Worry Be Happy“ можете да ја слушнете во продолжение.

 

Помалку е познато дека актерот, комичар, аниматор, продуцент и режисер Сет Мекфарлан е всушност и одличен музичар, кој свири на пијано и одлично пее. По неговото прво студиско издание „Music Is Better Than Words“ од 2011 година, на 30 септември годинава го објави празничниот албум „Holiday For Swing“, а меѓу 13-те песни се најдоа и два дуети со пејачките Нора Џонс и Сара Барелис.  Токму со Барелис ја отпеа темата „Baby It’s Cold Outside“, која можете да ја слушнете во продолжение.

И.Ј.



Врати се горе ↑