Свет Mandatory-Fun

27 јули, 2014

Кралот на пародијата на врвот на Билбордовата листа

Познатиот комичар кој се прослави со пародии на познати хитови како што се „Eat It“  на „Beat It“ (1983) од  и „Fat“  на „Bad“ од  Мајкл Џексон и „Amish Paradise“ на „Gansta’s Paradise“ (1995) од Кулио, Вирд Ал Јанковиќ конечно го освои врвот на Билбордовата листа со неговиот неодамна објавен четиринаесетти албум „Mandatory Fun“. „Сè уште не можам да поверувам во тоа“, изјавил 54-годишниот Јанковиќ додавајќи дека овој успех му значи многу.

Со оглед на тоа што во изминатиов период сè поголем е бројот на пародии на видео записи направени од фанови, Јанковиќ вели дека преживеал во оваа игра со помош на социјалните медиуми: „Сфатив дека Интернетот е вистинското место за мене“, признава добитникот на 3 Греми награди, чија тридецениска кариера опстојува благодарение на успехот на неговите хумористични видео записи.

„Сакав да направам нешто што ќе ја привлече онлајн заедницата, а нештата на Интернет лесно стануваат вирални“, појаснува тој за неговиот последен проект во чии рамки објави осум видеа за осум дена, започнувајќи на 14 јули со „Tacky“, пародија на интернационалниот хит „Happy“ на Фарел Вилијамс.

 

 

„Секогаш постои опасност луѓето да се заситат од тоа уште третиот ден, па се плашев да не им здодеам“, додал комичарот чии осум видеа собраа повеќе од 4о милиони прегледи, а според пресметките на агенцијата Нилсен СаундСкен, албумот „Mandatory Fun“ во првата недела е продаден во 104 000 примероци. Исто така, ова издание е и првиот комичен албум кој го освои првото место на Билбордовата листа по 1963 година, кога на врвот се најде „My Son, the Nut“ на Алан Шерман.

„На некој начин имаше ефект на снежна топка, а по осмиот ден дури и Павлов ефект бидејќи луѓето веќе се прашуваа каде е новото видео на Ал?“, рекол комичарот кој мегахитот „Royal“ на Лорд го направи „Foil“, а со „Word Crimes“ направена според „Blurred Lines“ од Робин Тик, даде одлична критика за неправилната употреба на граматичките правила.

Јанковиќ успеа да ги „засили“ видео записите и со појавувањата на познати актери како што се Џек Блек, Ерик Стоунстрит и Маргарет Чо, а во лансирањето на истите му помогнаа и неколку веб-страни како што се Nerdist.com и Funnyordie.com на познатиот комичар и актер Вил Ферел: „Би сакал да постоеше ЈуТјуб кога започнував со оваа работа“, вели тој додавајќи дека сака да биде различен и уникатен во оваа игра, а очигледно е дека успева во тоа. Интервјуто за Билборд можете да го гледате во продолжение.



Врати се горе ↑