Концерт 9450c5e8-3542-4628-92be-ce7c3222c6d8

9 октомври, 2017

„Крафтверк“ со 3Д концерт во Скопје

Германските пионери на електронската музика, легендарните КРАФТВЕРК ќе настапат во Скопје со извонредното 3Д шоу од нивната актуелна и исклучително успешна светска турнеја. Концертот на „Крафтверк“ во Скопје, како ексклузивен настан во организација на ТАКСИРАТ и Пасворд продукција, ќе се одржи на 27 февруари 2018 година во ВИП арената „Борис Трајковски“.

„Крафтверк“ е една од највлијателните и најзначајните електронски групи во светот чие музичко наследство е легендарно и вонвременско! Како предводник на експерименталната сцена, со својата визија за иднината „Крафтверк“ ја создаде музичката подлога за дигиталната ера на 21. век. Музиката на „Крафтверк“ изврши огромно влијание врз цел спектар на музички жанрови: од електро до хип-хоп, од техно до синтпоп и не постои речиси ниту еден германски бенд кој толку често се наведува како извор на инспирација и авторитет за илјадници музичари. Поради пресудното влијание и применливоста на електрониката во музиката тие важат за бендот без кој модерната музика денес не би звучела исто.

Мултимедијалниот проект „Крафтверк“ е оформен во 1970 година кога Ралф Хутер (Ralf Hütter) и Флоријан Шнајдер (Florian Schneider) го уредуваат нивното култно електронско студио „Клинг кланг“ (Kling Klang) во Дизелдорф, Германија каде што се зачнати и продуцирани сите албуми на „Крафтверк“. Нивната музика, многумина веднаш ја нарекоа авангардна, а тие уште со дебитантскиот албум „Kraftwerk I“ ја навестија револуцијата во современата музика. По некое време „Крафтверк“ почнува да функционира како квартет и до средината на ’70-тите години на минатиот век достигна меѓународно признание за нивните револуционерни електронски звучни пејсажи и нивното музичко експериментирање со роботика и разни технички иновации. Меѓу останатите признанија за нивната работа, Ралф Хутер и неговиот поранешен партнер во 2014 година ја добија наградата Греми за животно дело.

За време на речиси 50 години постоење, „Крафтверк“ објавуваат десет успешни студиски изданија, како и неколку компилациски и два албуми во живо, од кои последниот „3-D The Catalogue“ го објавија во мај годинава. Аудио и видео материјалите од ова издание ги сумираат бројните и значајни 3Д перформанси на бендот во најпрестижните музеи и концертни арени низ светските метрополи, кои ги одржаа од 2012 до 2016 година, а токму ова спектакуларно 3Д остварување на „Крафтверк“ ќе имаме можност да го погледнеме во живо на концертот во Скопје.

Спојувајќи ги музиката и перформативната уметност, 3Д концертите на КРАФТВЕРК претставуваат вистински „Gesamtkunstwerk“ – тотално уметничко дело кое ја открива сложеноста на односот помеѓу човекот и машините.

Наскоро ќе бидат објавени повеќе информации за настанот, како и цените на билетите кои ќе бидат пуштени во продажба во среда, 11 октомври во 10.00 часот, преку продажната мрежа на МкТикетс.



Врати се горе ↑