Балкан

28 јуни, 2019

Косово не може да учествува на „Евровизија“

Косово (сè уште) не може да учествува на популарниот европски фестивал, одлучено е на генералното собрание на Европската радиодифузна унија (ЕБУ) што се одржа во норвешката престолнина Осло. На собранието се разгледувале можни промени во статутите на Унијата и секој од претставниците на националните сервиси можел да гласа, меѓу другото, и за можно проширување со нови членки. Една од темите била за косовскиот национален сервис РТК да добие полно членство во ЕБУ, вклучувајќи го и правото за учество на „Евровизија“.

Имено, за една земја да биде членка на ЕБУ треба да исполнува неколку критериуми, меѓу кои членство во Меѓународната телекомуникациска унија (International Telecommunications Union), па на денешната седница на дневен ред било и евентуално отстранување на овој критериум, со што би се овозможило РТК да поднесе барање за полно членство во ЕБУ. За време на состанокот, повеќе земји, вклучувајќи ги Кипар, Грција, Србија и Шпанија, побарале тајно гласање и истото било одобрено од ЕБУ, така што крајниот резултат бил добиен во тајност. Според резултатите, 400 гласале за, а 673 против, додека 113 останале воздржани, така што правилото останува исто – секој национален сервис што ќе аплицира за полно членство во ЕБУ, мора да биде дел од Меѓународната телекомуникациска унија и од Обединетите нации. Косово засега не е член на ниту една од овие унии.

Сепак, иако вратата за РТК засега останува затворена, околностите можат да се променат. Генералното собрание на ЕБУ се одржува секоја година, па доколку во меѓувреме статусот на Косово се промени, РТК ќе може да добие полно членство. Исто така, ЕБУ може во секое време да одлучи да ја покани РТК на „Евровизија“, како што беше случајот во 2011 за евровизискиот натпревар за млади танчери (Eurovision Young Dancers). Ова правило им овозможи учество на евровизиски настани и на националните сервиси на Австралија и на Казакстан.

Извор: escxtra.com



Врати се горе ↑