Аудио

6 јуни, 2018

Кортекс и Симеон Коруноски ги здружија силите за „Don’t You Know“

Битолскиот диџеј и продуцент Кортекс ги здружи силите со својот кичевски колега Симеон Коруноски за потенцијалниот хит насловен „Don’t You Know“, кој воедно е и прва, а се надеваме не и последна соработка за 17-годишните музичари.

„Идејата за песната ја добивме пред скоро година дена. Бевме во работна атмосфера, па работејќи на една од моите песни, посакавме да создадеме нешто ново и модерно. Ја продолживме и ја разработувавме идејата, па на крајот се случи магијата. Гласот на Симеон совршено се вклопуваше со емоциите на песната и одлучивме да ја завршиме и да издадеме една страсна љубовна приказна каква што е сега“, раскажа Кортекс за „Црно-бело“, додавајќи дека меѓусебната соработка им помогнала појасно да ги согледаат нештата околу себе и да изградат цврст пријателски однос.

Фотографија на Kortexx.

Идејата, мелодијата и аранжманот на песната се дело на Константин Марковски – Кортекс, додека вокалот и текстот се на Симеон Коруноски, а проектот студиски е потпомогнат од македонскиот продуцент Дарко Димитров.

„Уште од почетокот, подготовката на песната течеше одлично, со прекрасна соработка меѓу мене и Симеон. Наидовме на голема поддршка од странски и македонски продуценти, во однос на позитивна критика. Песната претставува спој на уметност и емоции, што им ги полни срцата на слушателите“, додаде Кортекс.

Фотографија на Kortexx.

Со на моменти прогонувачката мелодија на Кортекс и трепеливиот вокал на Коруноски, кој одлично ја доловува емоцијата на стиховите, оваа соработка е вистински погодок за младите музичари. Сето тоа спакувано со текстуалната визуализација на Дарко Лековски и продукцијата „Дримкаст“ ве очекува во продолжение. Уживајте!



Врати се горе ↑