Свет

5 март, 2019

Кори Фелдман го брани Мајкл Џексон по емитувањето на контроверзниот документарец

Американскиот актер Кори Фелдман повторно застана во одбрана на Мајкл Џексон и после емитувањето на контроверзниот документарен филм „Напуштајќи ја Недојдија“ (Leaving Neverland), во кој Вејд Ронбсон и Џејмс Сејфчак го обвинуваат легендарниот музичар дека сексуално ги злоупотребувал кога биле деца. Некогашната дете-ѕвезда Фелдман, кој е најпознат по улогата во култниот филм „Изгубените момчиња“ (Lost Boys), изминативе години отворено зборува за синџирот на педофилија во Холивуд, истакнувајќи дека и самиот е жртва на педофили.

Во екот на неговата популарност, и Фелдман поминувал многу време со Џексон и секогаш застанувал во негова одбрана тврдејќи дека „точно знае како се одвиваат овие работи, но Мајкл никогаш не постапил несоодветно со него“. „Кога полицијата дојде да ме испрашува (за време на истрагата во 1993), јасно и гласно им ги кажав имињата на сите педофили во Холивуд и дека треба да ги истражуваат нив, а не Мајкл“, повеќепати изјавил актерот.

Фелдман уште еднаш се огласи и откако ги гледал двата дела од четиричасовниот документарец што се емитуваа вчера и завчера на „Ејч-Би-Оу“ во САД. „Гледав сè и сè што можам да кажам е дека и моето искуство беше сосема исто… сè до делот дека имале секс“, напиша Фелдман на Твитер. „Никогаш не сме ни зборувале за секс освен за фактот дека може да биде многу страшен и опасен“, додаде тој.

„Мајкл Џексон никогаш ниту опсул во мое присуство, никогаш не ме допрел несоодветно и никогаш не предложил да бидеме љубовници на ниту еден начин. Мислам дека ако луѓето би можеле да ги слушнат нашите разговори, ќе ја забележат невиноста во нив, без ниту една нишка на перверзија“, нагласи Фелдман и додаде дека поседува снимка што ќе ја прикаже вистинската природа на неговата врска со Џексон.

 

Минатата недела, режисерот на документарниот филм Ден Рид изјави дека очекува да се јават и нови жртви на Џексон. „Тој имаше неограничена моќ и неограничено богатство. Децата го гледаа како идол и тој го искористуваше тоа до крај. Во случаите на Џејмс и Вејд, таа сексуална злоупотреба траеше со години. Верувам дека тој сексуално злоупотребил уште многу млади момчиња“, рекол тој.

Во „Напуштајќи ја Недојдија“, Вејд Робсон и Џејмс Сејфчак детално и ескплицитно ги опишуваат своите односи со Џексон. По премиерното прикажување на телевизија, реакциите се поделени – дел од јавните личности изјавија дека им поверувале на Робсон и Сејфчак, а дел тврдат дека целта е да се профитира од името на славниот музичар, особено затоа што Робсон беше еден од главните сведоци на одбраната на Џексон за време на контроверзното судење во 2005.

Во одбрана на Џексон сè уште стои и ѕвездата на „Сам дома“ – Меколи Калкин – кој неодамна уште еднаш се осврна на неговото пријателство со Мајкл, опишувајќи го како нормално. Имотот на Џексон неодамна поднесе тужба против „Ејч-Би-Оу и побара оштета од 100 милиони долари, наведувајќи дека станува збор за „едностран маратон на непроверена пропаганда чија цел е бесрамно да експлоатира невин човек што не е во можност да се одбрани“.

На 25 јуни годинава ќе се одбележат 10 години од смртта на Мајкл Џексон, кој почина во 2009 година заради предозирање со анестетикот „пропофол“.

 



Врати се горе ↑