Македонија

9 февруари, 2018

Копров, Самарџиев, Масе… кој испратил песни на евровизискиот конкурс на МРТ?

Вчера, 8 февруари, заврши конкурсот на МРТ за песна со која ќе се претставиме на „Евровизија 2018“ во Лисабон, а полека излегуваат информации и околу тоа кои автори испратиле свои композиции за популарниот фестивал. Имено, конкурсот беше отворен за сите домашни и странски автори, а веќе ви пренесовме за Македонецот од Австралија, Џејмс Цветковски, кој се надева дека честа ја ќе добие токму неговата „Perfect (On Top)“.

Како што пишува „Екран“, свои дела испратиле и дел од нашите најпознати музички автори, меѓу кои Григор Копров, Ристо Самарџиев, Владимир Дојчиновски и Александар Масевски, кој воедно е автор на последните неколку песни за детската верзија на фестивалот. Интересно е тоа што Копров напишал композиција наменски работена за битолчанката Анета Мицевска од групата „Молика“, за која веќе излегоа гласини дека ќе биде наша претставничка годинава.

МРТ и овој пат остануваат таинствени за целиот процес, како и во поглед на самото жири што ќе одлучува за песната чиј изведувач, како што пишуваше во соопштението за конкурсот, ќе биде избран врз основа на самата композиција што ќе биде изведена во првата полуфинална вечер на 8 мај. Имајќи предвид дека сите 43 песни треба да бидат објавени до средината на март, сите детали би требало да ги дознаеме наскоро.

Повеќе од прилогот на „Екран“ прочитајте овде, а во продолжение слушнете ги сите досега објавени песни за 63. издание на „Евровизија“ што ќе се одржи на 8, 10 и 12 мај во португалската престолина Лисабон.



Врати се горе ↑