Балкан

9 јануари, 2019

„Контакт 2019“ – трето издание на музичката конференција во Белград

Нови локации, големи музички приказни, проширен концепт и музичка ексклузива

Музичката индустрија е растечна економска гранка во која има сè повеќе професионални работници, не само ентузијасти, како што се сметало некогаш. Со текот на времето таа станува сè поважен адут за економскиот развој во регионот. Токму од таа потреба, во 2016 година произлезе музичката конференција „Контакт“, чија цел е вмрежување на организаторите и промоторите на регионалните музички фестивали, туристички здруженија и организации, културните центри, клубови и останатите дејности во културата и уметноста.

За само две години „Контакт“ угости повеќе од 100 професионалци од овие области, организираше исто толку музички и уметнички програми, а го посетија речиси 8.000 луѓе. „Контакт“ даде одговори на многу прашање од сферата на музичкиот бизнис и музичката дејност на нашите простори, пред сè, преку едукативни работилници, трибини, панели и, што е уште поважно, постави нови горливи прашања.

Со нив ќе се бави третото издание на „Контакт“, кое традиционално ќе се одржи од 20 до 23 март во улицата „Цетињска“, која и понатаму ќе остане база на приказната на „Контакт“, со тоа што годинава ќе се прошири и во Халата на спортови „Ранко Жеравица“.

Како и претходните години, прво го откриваме најексклузивниот дел – музичката програма. Бидејќи тука се имиња како: „Партибрејкерс“, „Ајсбрн“, „Гоблини“, „Зостер“, „Урбан фор ју“ и многу други, програмата не само што може да се нарече ексклузивна, туку благодарение на неа љубителите на концертите „Контакт 2019“ веќе го нарекуваат фестивал со уникатен лајн-ап.

Влезниците за сите настани се пуштени во продажба од денес, а повеќе детали можете да дознаете на официјалната веб-страна www.kontakt.org.rs, на Фејсбук и на Инстаграм.



Врати се горе ↑