Македонија

12 декември, 2017

„Конспираси“ е победник на „Лузер фест 2018“

Младиот скопски бенд „Конспираси“ (CONSPIRACY) е годинашниот победник на „Лузер фест“, настанот посветен на промоција на новите музички артисти, кој во организација на „Таксират“ се одржа викендов (сабота, 9 декември) во МКЦ. „Конспираси“ во денешниот состав постои од 2016 година, а станува збор за вистински вљубеници се во треш-метал звукот, кои со својата музика сакаат да придонесат за враќањето на овој музички правец на нашата македонска сцена. Иако постојат само една година, „Конспираси“ дефинитивно не ја чуваат својата музика само за во гаража и се трудат што е можно повеќе својата работа да ја претстават пред публиката, па покрај настапот на „Лузер фест“, зад себе веќе имаат и десетина настапи на различни музички манифестации и во скопските клубови. Членови на „Конспираси“ се: Стефан Трајкоски (вокал, ритам-гитара), Давор Капац (соло-гитара), Иван Димишков (тапани) и Милош Благоевиќ (бас гитара).

 

24862564_2023145461237949_539287990440254755_n

Заедно со „Конспираси“, на „Лузер фест“ годинава настапија вкупно седум финалисти: „Бона деа“ (Bona Dea), „Дарк скај“ (Dark Sky), „Каин“, „Мен ин а сјут“ (Man In A Suit), „Сибил“ (Sybil) и „Тригрд“ (Trigerred), како и гостите на вечерта, скопскиот дум-слаџ дует „Шварцен“ (Schwartzen). Сите овие млади музички бендови на вистински професионален начин се претставија со одлични настапи и само можеме да посакаме што почесто да ги гледаме на сцената кај нас.

Со „Лузер фест“ викендов воедно беше означено и затворањето на програмата на 19. издание на фестивалот „Таксират“, во чии рамки изминативе десетина дена се одржуваа повеќе различни настани. Програмата започна со меѓународната ПИН музичка конференција и шоукејс фестивал, на кои од 30 ноември до 2 декември во МКЦ македонската музичка јавност имаше пригода да се дружи и дискутира на актуелните теми со огромен број делегати и музички професионалци од цела Европа, додека пак во вечерната програма публиката уживаше во повеќе од 30 музички концерти и настапи кои беа организирани со бесплатен влез. Веднаш по ПИН, програмата на „Таксират“ продолжи со промотивниот концерт на „Плутос даутс“ (Pluto’s Doubts), групата која во 2015 како победник на „Лузер фест“ беше наградена со снимање и објавување на албум под капата на „Пасворд продукција“, а која во оваа пригода за првпат концертно го претстави токму ова издание, нивниот студиски првенец „СИЗИФ“, со кој потврдија дека станува збор за еден од најкреативните музички проекти на новата македонска музичка сцена.

Концерт за кој сѐ уште не стивнуваат импресиите, во рамките на „Таксират“ ни приреди извонредниот Дарко Рундек, еден од најреномираните музички автори во регионот кој на целосно распродадениот концерт го претстави специјалниот музичко-сценски перформанс „APOCALYPSO NOW од истоимената актуелна турнеја со која тој ја одбележува 20-годишнината од објавувањето на неговиот соло-првенец „Апокалипсо“.

Таксират“ годинава ја претстави и соработката со „Десонанц – фестивалот на електронската музика кој истражува и експериментира со културните стандарди на мултимедијалната уметност, а кој се погрижи за клупската програма со исклучителните настани. Во овој дел од програмата, во посебни концертни настани во Скопје имавме чест да ги погледнеме настапите на „Опиум хам“ (во Капан Ан) – музичкиот алијас на Михаил Странгл, директор на „Бојлер рум Берлин“ и еден од највредните креативни умови зад кулисите на берлинската сцена, потоа истакнатиот ветеран на светската хаус, техно и електро сцена – „Делта функционен“ од Берлин, како и настапот на маскираниот берлински техно/IDM продуцент „Хедлес хорсмен“ во МКЦ, додека малата сцена во Македонската филхармонија беше резервирана за „Дамиен Дубровник“ – несекојдневниот проект на двајца од најпрославените модерни композитори во современата музика, Локе Рабек и Кристијан Стадсгард, но и ексклузивниот проект на македонските етно-џез експериментатори „Стринг форсис“.

НАСКОРО ПОЧНУВА ЈУБИЛЕЈНИОТ ТАКСИРАТ #20

Следната година, публиката на „Таксират“ ја очекува јубилејното 20. издание на фестивалот, за кое и нема да треба да чека многу бидејќи првиот настан за одбележување на овој голем јубилеј ќе се одржи веќе на 27 февруари во ВИП арената „Борис Трајковски“ во Скопје и тоа ни повеќе ни помалку, туку со ексклузивниот концерт на легендарните „Крафтверк“ – германските пионери на електронската музика! И тоа не е сѐ! За 20-ката на „Таксират“ нѐ очекуваат низа значајни музички случувања во Македонија кои ќе бидат објавени многу скоро!

За 20 години алтернатива во Македонија – Преврти го Скопје наопаку!



Врати се горе ↑