Македонија ImageProxy

30 декември, 2013

„Конкеринг лајон“ со новогодишен подарок

По настапите на сите поголеми фестивали во Македонија, но и регионот, вклучувајќи го и големиот „Ин мјузик“ (INmusic) во Хрватска, успешните синглови и објавувањето на новиот албум кој официјално беше промовиран во рамките на петнаесеттото издание на фестивалот „Таксират“, „Конкеринг лајон ја затвора 2013 со уште еден регионален успех. Токму најпродуктивниот и респектиран македонски реге состав е изборот за новогодишното издание на престижната регионална онлајн етикета „Егзит“, со што „Конкеринг лајон“ стана вториот македонски бенд објавен на оваа етикета, по „Фулиш грин“ со албумот „Escape“.

Ви го претставуваме новиот албум на македонскиот состав „Конкеринг лајон“ – „Revelation“Третиот по ред студиски албум на овој бенд, објавен во ноември годинава, содржи десет песни кои претставуваат своевиден манифест против системот, но и сите нуспојави и алчности на модерното општество. На албумот е остварена соработка со јамајканскиот музичар Минот Доналд (Minott Donald), но и уметницата од Србија, Дарка Рајиќ, со осетлив премин од roots кон модерен реге звук. Оригинално објавен под етикетата на „Пасворд продакшн“, албумот „Revelations“ веќе е достапен и на етикетата „Егзит“.

На сајтот www.exitmusic.rs преземете го „Revelation“, музички еволуираното, свежо издание кое ќе ви донесе позитивни празнични вибрации за вашиот слух и дух.

Покрај „Конкеринг лајон“, во новогодишниот пакет на етикетата „Егзит“ е и откритието на еден од најзначајните музички продуценти денес, Марк Ронсон (Mark Ronson), 23-годишната бугарска уметница Рут Колева (Ruth Koleva), која стана препознатлива сила на бугарската музичка сцена, со озбилни претензии наскоро да го освои и интернационалниот пазар. Свиленкастиот, експресивен вокал, авторските текстови и интимната атмосфера на нејзините песни, ја направија Колева препознатлива во морето нови изведувачи на денешницата. Нејзината автентична и модерна интерпретација на соул влијанијата од артисти како Ерика Баду доведе до огромен успех на деби албумот од 2011. „Within Whispers“, но и новиот албум на Рут, „Future Sweet“ од октомври годинава.

„EXIT Label“ е онлајн етикета, настаната како одговор на новиот начин на дистрибуција на музиката, како и од потребата за поддршка и што подобра промоција на квалитетните артисти од овие простори. Онлајн издаваштвото на фестивалот „Егзит“ отвора можност за претставување на музичарите пред публиката ширум светот, им дава поддршка во настапите, медиумско претставување и градење имиџ на регионалниот и светскиот музички пазар. За време на петте години постоење, на етикетата „Егзит“ објавени се над 50 изданија кои се достапни за бесплатни преземања на www.exitmusic.rs , додека вкупниот број на преземања на музичките изданија од овој сајт надмина милион.

 



Врати се горе ↑