Настани

24 јуни, 2016

„Конкеринг лајон“, „Сетстат“ со Мирко Попов и „Лепи Џони“ ја засилуваат програмата на „Д фестивал“

Покрај веќе објавените изведувачи за годинашниот „Д фестивал“, музичката листа секојдневно се проширува, а овој пат во неа се запишуваат и новите потврдени имиња од македонската сцена кои ќе го одбележат шестото издание на единствениот тридневен фестивал на отворено кај нас. Главната бина на „Д фестивал“ ќе ги пречека хероите на домашната реге сценаКОНКЕРИНГ ЛАЈОН“ и еден од најреномираните бендови кои претставуваат вистински бастион од интегритет и квалитет на македонската сцена „СЕТСТАТ“ заедно со МИРКО ПОПОВ! Втората по големина бина на „Д фестивал“, пак, „МОСКИТО“ бината ја збогатува својата програма со потврдениот настап на „ЛЕПИ ЏОНИ“, соло-проектот зад кој се крие Љупа Ангелов и неговите нераскажани приказни во својот матичен бенд, психоделичните сурф-диско-панк рокери „Д Џон“.

Со овие артисти, програмата на музичкиот маратон „Д фестивал“ веќе брои 40 изведувачи, а истата секојдневно се проширува со нова низа музички имиња! Но и тоа не сѐ! Покрај музичката програма, „Д фестивал“ во рамките на новиот концепт и иницијативата за најголемото креативно здружување досега, најавува и десетици гости учесници во различните програмски сегменти кои годинава ќе ги понуди единствениот фестивалски камп во Македонија!

13094218_716614655145621_1180681273692034109_n

„СЕТСТАТ“ (SETHSTAT) e веќе подолго време еден од најреномираните македонски бендови. Со искуство од речиси 3 децении, 7 албуми и огромен број концертни настапи, претставуваат вистински бастион од интегритет и квалитет на нашата сцена. Нивното енергично и исцрпно истражување во модерниот џез, панк-џез и слободната импровизација, резултираше со најразновидни музички авантури во сите овие години, а моќниот жив настап ги чини еден од најпосакуваните лајв бендови наоколу. Последниот проект-албум, под наслов „Се плашам од Македонци“, музички го подготвија во соработка со нашиот реномиран современ композитор Никола Коџабашија, а со текстови и вокали материјалот го надгради МИРКО ПОПОВ, еден од нашите најактивни музички работници (композитор, вокалист, диск-џокеј, издавач, промотер, радио-водител…). Албумот излезе кон почетокот на 2015 за „Пи-ем-џи рекордингс“ (PMG Recordings), а на крајот на истата култното скопско радио Канал 103 го прогласи за албум на годината. Хит-синглот „Кругови“ пак, според истото радио, беше сингл на годината во 2014. Очигледен миленик на критиката, „Се плашам од Македонци“ звучи како фузија на ту-смирен-ту-фуриозен модерен џез со силно зачинета доза на поп езотерија. Токму овој материјал ќе ѝ биде претставен на публиката на „Д фестивал“ во Дојран.

 

Тетовскиот состав „КОНКЕРИНГ ЛАЈОН“ (CONQUERING LION), од објавувањето на првиот албум „I” во 2009 па до сега, се наметна како еден од најперспективните бендови кај нас, кој остварува огромен раст во секој аспект од својот музички ангажман. Заедно со „Know Your Wisdom” од 2011 година и последниот „Revelation од 2013, кој беше најавен со синглот „Wicked Man“, бендот зад себе има три студиски остварувања. Нивните концертни активности се веќе на завидно ниво со неколку европски турнеи зад себе, но и со настапи на значајните фестивали во Македонија и регионот. Досега имаат настапувано со големи реге имиња како што се „Џентлмен“, Рас Закари, Доналд Минот, Хорнсмен Којоти и други. За овој бенд важи дека на секој настап умее загарантирано да донесе добра енергија и ритам за вистинско концертно уживање. Во моментов групата го подготвува и својот нов студиски албум кој е најавен за годинава, а кој ќе биде промовиран и со европска турнеја. Првиот сингл од овој албум „GO“ го објавија во мај, а посетителите на „Д фестивал“ имаат привилегија да биде меѓу првите кои во живо ќе чујат како звучи новиот материјал на „Конкеринг лајон“.

 

Зад соло-проектот „Лепи Џони“ (LEPI XHONI) се крие Љупа Ангелов и неговите нераскажани приказни во својот матичен бенд, психоделичните сурф-диско-панк рокери „Д Џон“ (The John). Љупа овојпат настапува сам со својата гитара и примитивната loop-машина, раскажувајќи ги сировите и искрени скопски приказни во неговиот карактеристичен стил на комбинирање на изворниот гаражен рокенрол од шеесеттите/седумдесеттите и оригиналната модерна скопска трубадурска поезија. Својата прва колекција „Песни“, која „Лепи Џони“ ја реализира во октомври 2013-та за сопствената дискографска куќа „Џизс Пил енд Балам“ (Jesus Pill & Balam), во соработка со братската „Пи-ем-џи рекордингс“, претставува, всушност, мини-албум со пет полнокрвни аудио парчиња. Една година подоцна го издава синглот „Девојко“, брилијантна обработка на ремек-делото „Гарача“ на Драган Ѓаконовски-Шпато. Фолдерот со нови песни на Ангелов од ден на ден се зголемува. Пишува текстови и музика, самиот ја снима и е продуцент на материјалот. Вистински современ „направи сам“ проект.

„Д фестивал“ годинава ќе се одржува до 15 до 17 јули во Дојран. Покрај „Сетстат“ и Мирко Попов, „Конкеринг лајон“ и „Лепи Џони“, своите настапи веќе ги потврдијаГолдиТој долс“, „Даб пистолс“, „Чиста околина“ и „Бернајс пропаганда, „Дубиоза колектив“, „Обојени програм“, „Лолобриџида“ и „Хипнотајзд“ на главната бина, „Проџект Орфеус“, „Ред степ“, „Фонија“, „Паркети“, „Милко“, „Самостални референти“, „Палиндром“, „Кепурдат“, „Лајтмотиф“, Марко Грејхаунд, „Ана О“, „Метаноја“ и „ПаприкаПаприка“ на „Москито стејџ“, „МКДСЛ“, „Андреас ХЗ“, Мартчин, Митрик, Ел-ти-екс, Меги, Самарџиски, Ди-лајт, Дарко Степиќ, Хајпертек, Оги, Пука, Ханш и Тектон на „Лејк ауејк стејџ“. Наскоро ќе бидат објавени уште многу други изведувачи и гости учесници кои ќе го одбележат шестото издание на „Д фестивал“!

Во моментов актуелна е и продажбата на најповолните т.е. earlybird влезници за „Д фестивал“, кои се достапни само во ограничен број. Сите информации за влезниците се достапни на овој линк.



Врати се горе ↑