Концерт

29 март, 2018

„Конкеринг лајон“ ќе го прослават 11. роденден во „Станица 26“

Македонските реге-предводници „Конкеринг лајон“ (Conquering Lion) ќе го одбележи својот 11. роденден, а прославата е закажана за 5 април во клубот „Станица 26“. Момците истовремено работат и на материјалот за својот петти студиски албум, кој го најавија со неодамна претставениот сингл „Shine“.

 

Тетовскиот даб/реге/кросовер бенд своето творештво го започна во април 2007 година, а во октомври 2009 стигна првенчето насловено „I“, кое го издадоа за „Пи-ем-џи рекордингс“ и на кое се најдоа 10 песни, вклучувајќи ја и соработката со јамајканскиот артист Џа Кларити за темата „Jah Love“. Второто издание, пак, чиј наслов гласи „Know Your Wisdom“, излезе на 26 август 2011 година, по што следеше 30-дневна балканска турнеја. Две години подоцна, на 22 ноември 2013 бендот го издаде третиот албум „Revelation“ за издавачката куќа „Пасворд продакшнс“ од Македонија, а материјалот го промовираше во рамките на успешна пролетна турнеја низ Европа. Американската издавачка куќа „Локсмит рекордс“ (Locksmith Records), пак, го издаде четвртото студиско издание „Land Of Confusion“, кое љубителите на квалитетниот реге-звук го дочекаа на 24 февруари минатата година. Овој албум беше номиниран за најдобар реге-албум за 2017 на престижните награди Греми и за албум на годината на најголемиот реге-портал во Европа „Регевил“ (Reggaeville). 

Во 11-годишната кариера, момците забележаа и бројни самостојни и фестивалски настапи низ Македонија, но и во Германија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Бугарија, Грција, Романија, Словачка, Чешка, Холандија, Полска и Косово. Како едни од поважните настапи на „Конкеринг лајон“ може да се издвојат настапите со Ману Чао, „Џентлмен“, Рас Закари, Доналд Минот, Рафаел, „Хорнсмен кајоти“… 

Влезниците за роденденскиот концерт во „Станица 26“ ќе бидат по фиксна цена од 200 денари и ќе можа да се набават само на врата, на денот на настанот, кој е со почеток во 23.00 часот. Како домашна поддршка ќе настапат основачите на „Фанки фреш“ (Funky Fresh), диџеј Гоце и диџеј Чваре.



Врати се горе ↑