Балкан

27 март, 2018

Конференцијата „Контакт“ собра над 5.000 посетители во Белград

На втората регионална музичка конференција „Контакт“, која се одржуваше од 21 до 24 март во Белград, учествуваа над 100 учесници од 10 земји, меѓу кои претставници на најзначајните фестивали од Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија и Црна Гора, претставници на издавачки куќи од регионот, познати музичари, уредници на музички портали, автори на музички спотови и ентузијасти кои водат помали концертни простори, а специјален гостин беше Асоцијацијата на независни музички издавачки куќи и компании од Белгија, „Импала“.

„После првото издание на ’Контакт’, одржано пред точно година дена, не можевме ни да замислиме колкава лавина теми сме започнале и на колку прашања од областа на музичката индустрија, всушност, сме дале одговори! Втората конференција ’Контакт’ го докажа токму тоа. Двојно повеќе учесници, двојно повеќе денови и двојно повеќе посетители имавме од 21 до 24 март во кругот на улицата ’Цетињска’, која беше наша база од самиот почеток“, рекоа по завршувањето на „Контакт 2018“ оние кои се „осудија“ да започнат ваков проект во Белград: концертната агенција и издавачка куќа „Одличан хрчак“, „Марш криејтив продакшн“ и „Кишобран колектив“.

„Самоодржливост на фестивалите“ беше лајтмотивот на второто издание на „Контакт“, а генералниот заклучок е дека неопходно е да дојде до бришење на културните граници во регионот, да дојде до професионално соединување на сите фестивали, искуствата и примерите од позитивната пракса да се разменуваат почесто од еднаш годишно на конференции како „Контакт“, бидејќи на тој начин музичката индустрија конечно ќе биде прифатена како една од најзначајните во регионалните економии, односно препознаена од страна на јавните институции, локалните самоуправи и надлежните министерства.

Како растечка стопанска гранка, во која има сè повеќе професионалци од оваа област, не само ентузијасти, како што некогаш се сметаше, музичката индустрија е и важен адут за економскиот развој на регионот.

Освен инспиративни панели, трибини и тркалезни маси, на кои преку дискусија се разменуваа искуства и претставуваа примери од добрата пракса, второто издание на „Контакт“ имаше и едукативен карактер.

Исклучителна посетеност имаа работилниците „Како да се сними музички спот“ и „Случаи на бафер-студија“, на кои присуствуваа голем број студенти од различни области на продукција, а на кои беше собрана ол-стар екипа на предавачи, кои во неформална атмосфера споделија лични искуства со идните професионалци од областа на аудиовизуелната индустрија.

„Во Белград за четири дена видов повеќе концерти отколку во Сплит за четири години“, ова се зборовите на еден од посетителите на втората регионална музичка конференција „Контакт“. А во тие четири дена се свиреше на повеќе локации: во Домот на млади во Белград, „СабБир центар“, „Електропионир“, на „Спрат“ и во „Љубимац“. Имаше повеќе од 50 музички настапи, а главната музичка програма сама по себе можеше да се нарече „фестивал“: неколку илјади белграѓани и гости во српската престолнина уживаа во ексклузивниот настап на Антон и „Хеви хипи бејби“, „Звук улице“, на концертите на Никола Врањковиќ, „Обојени програм“ и на групата „Канда Коџа и Небојша“.

На „Контакт“ беа отворени и три значајни музички изложби:

„My Life, Making Of…“ на сплитскиот режисер Жаре Батиновиќ,

„Влада“, изложба на фотографии од Горанка Матиќ посветени на Влада Дивљан, која и во наредните два месеца ќе може да се посети во „Марш опен спејс“ и

Изложба на Дејан Мариќ – векторски цртежи на хероите и хероините на поп-културата, кои исто така сè уште се отворени за сите посетители во кафулето „Шикарица“ до крајот на март.



Врати се горе ↑