29 февруари, 2016

Конечно Оскар за Лео, Сем Смит триумфираше со Бондовата „Writing’s On The Wall“

Најмногу награди собра „Лудиот Макс“, Лео конечно го доби својот прв Оскар, а Сем Смит ја има „Најдобрата оригинална песна“

Синоќа во театарот „Долби“ во Лос Анџелес се одржа 88. по ред доделување на академските филмски награди „Оскар“, а во улога на водител по втор пат го видовме познатиот актер и комичар Крис Рок. Со најголем број освоени награди, од вкупно 10 номинации, во шест категории победи филмот „Лудиот Макс: Пат на бесот“, а „Повратникот“ на режисерот Алехандро Гонзалес Ињариту му донесе три статуетки од вкупно 12 номинации, меѓу кои за Најдобра режија и Најдобар актер, како и за Најдобра кинематографија. За главната улога токму во овој филм, Леонардо ДиКаприо конечно го доби својот прв Оскар! По громогласниот аплауз од колегите, актерот се заблагодари за наградата и уште еднаш ја нагласи важноста да се заштити нашата планета од климатските промени, како и да се слушне гласот на сите „замолчени“ народи, чија земја се експлоатира за корист на големите компании (видео горе).

Иако се очекуваше „Повратникот“ да триумфира и во главната категорија за Најдобар филм, оваа награда ја доби биографската драма „Во центарот на вниманието“, која раскажува за големиот скандал од 2002 година, кога истражувачкиот тим на весникот „Бостон глоуб“ разоткри бројни случаи на прикривање на сексуална злоупотреба на деца од страна на католички свештеници. Филмот, кој освои и Оскар за најдобра монтажа, е во режија на Том Мекарти, а улогите ги играат Марк Рафало, Мајкл Китон, Рејчек Мекадамс, Лиев Шрајбер, Џон Слатери и Стенли Тучи.

 

На синоќешната церемонија, акцентот беше ставен и на фактот што во ниту една категорија не беше номиниран актер од друга раса и култура. Уште од самото објавување на номинациите во јануари годинава, Академијата беше обвинета за расизам, бидејќи сите номинирани беа белци, па водителот Крис Рок се осврна на овој проблем уште во воведниот говор, но сепак нагласи дека повеќе виновни се филмските компании кои претежно одбираат бели актери. Во знак на протест, меѓу другите, на церемонијата одби да пристутвува и годинешниот добитник на почесната академска награда, режисерот Спајк Ли.

На сцената во театарот „Долби“ настапија и познатите ѕвезди Сем Смит, Лејди Гага и Викенд, чии песни беа номинирани во категоријата Најдобра оригинална песна, а наградата отиде во рацете на младиот британски пејач за песната „Writing’s On The Wall“, што воедно е и втор Оскар за тема од филмовите за агентот Џејмс Бонд, откако во 2012 година првиот го освои Адел за „Skyfall“.

Наградата за Најдобра актерка во главна улога отиде во рацете на младата Бри Ларсон, за одличната изведба во филмот „Соба“, Најдобра актерка во споредна улога е Алисија Викандер во „Девојката од Данска“, а за Најдобар актер во споредна улога беше прогласен Марк Рајланс, за филмот „Мост на шпиони“. Како што се очекуваше, наградата за Најдобра оригинална музика отиде во рацете на легендарниот италијански композитор Енио Мориконе, за филмот „Омразените осум“, Најдобар документарен филм е „Ејми“ за Ејми Вајнхаус, а Најдобар анимиран филм е Дизниевиот „Во мојата глава“. Списокот со победници, според редоследот по кој беа доделувани, Ве очекува во продолжение.

Најдобро оригинално сценарио: „Во центарот на вниманието“ (Џош Сингер и Том Мекарти)

Најдобро адаптирано сценарио: „Кладба на векот“ (Чарлс Рандолф и Адам Мекеј)

Најдобра актерка во споредна улога: Алисија Викандер (Девојката од Данска)

Најдобар дизајн на костими: „Лудиот Макс: Пат на бесот“ (Џени Биван)

Најдобар дизајн на продукција: „Лудиот Макс: Пат на бесот“ (Колин Гибсон и Лиса Томпсон)

Најдобра шминка и фризура: „Лудиот Макс: Пат на бесот“ (Лесли Вандерволт, Елка Вардега и Дамиан Мартин)

Најдобра кинематографија: „Повратникот“ (Емануел Лубески)

Најдобра монтажа на филм: „Лудиот Макс: Пат на бесот“ (Маргарет Сиксел)

Најдобра монтажа на звук: „Лудиот Макс: Пат на бесот“ (Марк Мангини и Дејвид Вајт)

Најдобар микс на звук: „Лудиот Макс: Пат на бесот“ (Крис Џенкинс, Грег Рудлоф и Бен Осмо)

Најдобри визуелни ефекти: „Екс машина“ (Ендру Вајтхрст, Пол Норис, Марк Ардингтон и Сара Бенет)

Најдобар краток анимиран филм: „Приказна за мечката“ (Габриел Осорио и Пато Ескала)

Најдобар анимиран филм: „Во мојата глава“ (Пит Доктер и Џонас Ривера)

Најдобар актер во споредна улога: Марк Рајланс (Мост на шпиони)

Најдобар краток документарен филм: „Девојката во реката: Цената на простувањето“ (Шармин Обаид-Шиној)

Најдобар документарен филм: „Ејми“ (Асиф Кападија и Џејмс Геј-Рис)

Најдобар странски филм: „Синот на Саул“ (Ласло Немес, Унгарија)

Најдобра оригинална музика: „Омразените осум“ (Енио Мориконе)

Најдобра оригинална песна: „Writing’s On The Wall“ (Џими Нејпс и Сем Смит)

Најдобар режисер: Алехандро Г. Ињариту (Повратникот)

Најдобра актерка во главна улога: Бри Ларсон (Соба)

Најдобар актер во главна улога: Леонардо ДиКаприо (Повратникот)

Најдобар филм: „Во центарот на вниманието

И.Ј.



Врати се горе ↑