Концерт vs-koncert

13 март, 2015

Концертот на Влатко Стефановски преместен во Дом на АРМ

Поради хаваријата што деновиве се случи во Универзалната сала и поради нејзиното затворање на неодредено време, заедничкиот концерт на Влатко Стефановски и Васко Атанасовски ќе се одржи во Домот на АРМ.

Стефановски за „Телма“ изјави дека е изненаден од ваквиот тек на настаните: „Ние сè уште немаме сериозен концертен простор. Универзална сала е дотраена, новата филхармонија не е изградена. Театрите се за театар, спортските сали се за спорт. Ние немаме сериозна акустична сала каде што некој акустичен оркестар би прозвучел како што треба. Кога се градат спортски сали, никој не размислува за звукот. Кога се градат театри, никој не размислува дека таму некој треба да свири концерт така што ние музичарите кои сакаме да свириме концерти сме ставени ни ваму, ни таму“, рече Стефановски.

Со оглед на тоа што капацитетот на Домот на АРМ е мошне помал во однос на Универзална, двајцата музичари, кои ќе настапат во придружба на камерниот оркестар на словенечката филхармонија, на 21 март ќе одржат 2 концерта со почеток во 19 и 21 часот. Од продукцијата „Баги“, која го организира концертот насловен „Fire and Ice“, известија дека влезниците купени за Универзална ќе важат за првиот концерт од 19 часот.



Врати се горе ↑