Концерт 851x

12 март, 2014

Концертна промоција на новиот албум на С.А.Р.С.

Еден од најбараните авторски бендови во регионот, српскиот алтернативен бенд С.А.Р.С. најавува голема концертна промоција на својот нов албум Иконе поп културе во Скопје. Концертот на едно од главните музички имиња на т.н. Нова Српска Сцена, е закажан на 10-ти април 2014 и ќе се одржи во „Експо Центар“ во Скопје.

Популарните С.А.Р.С. бесплатно го објавија новиот албум „Иконе поп културе“ на 9-ти јануари годинава, кој за три дена од објавувањето беше преземен повеќе од 20.000 пати. Ова е четврто студиско издание на бендот С.А.Р.С. и носи осум нови нумери, кои се објавени само девет месеци по излегувањето на претходниот албум „Куќа части“. Инаку, ова изненадување за фановите десет дена претходно беше најавено со песната Дане бројим, а целиот албум можете да го преземете од официјалниот сајт на бендотИконе поп културе“ брзо поставува нови рекорди на групата, на што во прилог одат и последните рекордно распродадени концерти низ регионот.

Песните од овој абум кој веќе се наметнаа како нови хитови на бендот, како и веќе добро познатиот музички материјал на С.А.Р.С., групата ќе го претстави во живо пред македонските фанови на големата концертна промоција во Скопје.

Влезниците за концертот веќе од денеска (среда, 12-ти март 2014) ќе бидат достапни во продажната мрежа на МКтикетс и тоа по промотивна цена од 250 денари која ќе важи до 1-ви април. Од 2-ри април па сè до денот на одржување на концертот, цената на билетите во претпродажба ќе биде 300 денари, а на 10-ти април на билетарата на „Експо Центар“ влезниците ќе се продаваат по полната цена од 350 денари.

Наскоро ќе бидат објавени повеќе информации за загарантираната забава која ве очекува со С.А.Р.С. на 10-ти април во „Експо Центар“ во Скопје.

Групата С.А.Р.С. е оформена во Белград во 2006 година од страна на Драган Ковачевиќ Жабац и Александар Луковиќ Лукац. Следната година ја снимаат песната Буѓав лебац, која веднаш стана интернет мегахит со повеќе од 3.6 млиони кликови на „Јутјуб“, а и денес е едед од најпобаруваните хитови на радио станиците и во клубовите во регионот.

Првиот албум едноставно именуван „С.А.Р.С“ го издадоа во 2009 година, а покрај „Буѓев лебац“ како хитови се покажаа и песните „Ратујемо ти и ја“, „Ана“, „Ракија“, како и „Дебели лад“. Својот втор албум „Перспектива“ го објавуваат првиот ден од 2011 година и во соработка со регионалниот „Ем-ти-ви“ канал, го понудија за бесплатно преземање, а фановите го дочекаа со воодушевување и го преземаа повеќе од 70.000 пати. Во јануари 2012 година конечно излегува и студиската верзија на насловната песна Перспектива заедно со спот, кој во истиот миг ги сруши сите рекорди на посетеност и по помалку од пола година по бројот на кликови го надмина и легендарниот хит „Буѓав лебац“, а денес стигнува до бројка од речиси 8 милиони „Јутјуб“ прегледувања. Со овој албум групата во Македонија во 2012 ја освои и „Златна Бубамара“ наградата за Најдобар балкански рок албум. Третиот албум „Куќа части“ официјално беше објавен на 23-ти март 2013 година. Во периодот од објавувањето на својот деби албум, па до денес, С.А.Р.С. успеа да одржи стотици концерти во регионов и важи за еден од најбараните регионални авторски бендови.



Врати се горе ↑