Промоции 535925_340868546017376_2110263658_n

21 февруари, 2013

Концертна промоција нa „Фулиш грин“

Скопскиот состав „Фулиш грин“ го најави деби албумот насловен „Escape“, а тоа го направи со новогодишниот сингл „Laika“, а неодамна го претстави и видео записот за „Sun Is Gone“. Албумот кој треба да излезе на 28-ми февруари, ќе биде издаден под етикетата на Пасворд Продукција, а на него ќе се најдат 12 нумери.

По официјалното објавување, бендот ќе направи и концертна промоција, која ќе се случува на 15-ти март во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар. Картите за концертот деновиве ќе бидат пуштени во продажба преку сервисот „мк тикетс“ (mktickets.mk). Цената на билетите ќе изнесува 200 денари, додека пак на денот на одржувањето на концертот тие ќе чинат 250 денари.

За збогатување на концертната атмосфера, момците од „Фулиш грин“ како гости ги поканија своите музички пријатели од групата Џун, кои ќе настапат први. Џун изминатата година го промовира својот деби-албум „Someday Soon“ и веќе остава значајна трага на македонската музичка сцена, претставувајќи ја емотивната страна на префинетиот инди-поп.

По концертот на „Фулиш грин“, сцената ќе им биде препуштена на докажаните хипхоп-артисти од домашната сцена, диџеј Гоце од рап-дружината Саф и ЛД Пистолеро, кои ќе бидат задолжени за продолжување на забавата во „Фросина“.



Врати се горе ↑